Милошоски објаснува зошто избраа референдум за Договорот со Бугарија а не за преговарачката рамка

„Во 2017-та година го критикувавме потпишувањето на овој договор, и дадовме пет забелешки како може да биде подобар, но за жал власта тогаш беше премногу арогантна и нова и не успеа да ги согледа штетните последици кои што овој договор ќе ги донесе. Не беа свесни што се може договорот да донесе во однос на понижувања на Македонија. Но, денес гледаме дека штетните последици веќе стапуваат на сила, дали е тоа ревизија на учебници, дали се тоа уцени од Бугарија, дали се политички, историски или образовни и други барања, и ќе продолжат и во иднина“, изјави пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ – Антонио Милошоски, во „Тема на денот“ на Сител телевизија.

Милошоски истакна и дека смета дека и јавноста е зрела – политичката, граѓанската, како и медиумската јавност – за овој договор да биде ставен на тест на референдум и истиот, на таков начин, да биде прекинат, затоа што, како што рече, тој не оди во прилог на Македонија.

Милошоски повтори дека Договорот со Бугарија всушност е изворот на штетните последици по земјава.

„Сакаме во две работи да бидеме прецизни; Првата работа – технички според Законот за референдум и непосредни изјаснувања пишува дека тема на референдум може да биде само одредена област која што е надлежност на Собранието, да биде регулирано. Законот за ратификација на Договорот за добрососедство со Бугарија е надлежност на Собранието и затоа сметаме дека тоа треба да биде темата на референдумот. И второ, по однос на предлог рамката за преговори, тоа е владина надлежност и тука доколку би барале референдум за такво прашање би биле одбиени со право затоа што не е во надлежност на Собранието“, појасни Милошоски.

Прочитајте и:  Инцидент во Собранието, за малку избегната физичка пресметка меѓу Апасиев и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ

Тој уште еднаш потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ смета дека Договорот за добрососедство со Бугарија треба да биде поништен.

„ВМРО-ДПМНЕ нема проблем да поддржи договор кој што на рамноправни основи ќе биде корисен и за Македонија и за Бугарија. Но, еден ваков договор кој што е одликуван со асиметрија и каде што Македонија само е натоварена со отстапки, со понижувања, со уцени, со обврски, а Бугарија си има одредени повластици кои што можеби извираат од нивниот национализам или пристап кон романтика. Сметам дека договорот не е поволен за Македонија. И затоа рамноправен договор Македонија – Бугарија не би имале проблем да поддржиме, но ваков асиметричен сметаме дека ќе биде добро да биде поништен“, нагласи Милошоски.

- Реклама -