За Макрон безбедноста на украинските нуклеарни централи е императив, но и украинскиот суверенитет над нив

Зачувувањето на безбедноста на нуклеарните централи во Украина е од императивно значење, изјави денеска францускиот претседател Емануел Макрон, соопшти Елисејската палата.

Макрон, во денешниот телефонски разговор со својот украински колега Володимир Зеленски, разговарал и за ситуацијата во нуклеарната централа во Запорожје, која е во рацете на руските сили, а чиј последен оперативен реактор денеска беше исклучен од мрежата.

Францускиот претседател потсетил на „императивната потреба да се зачува безбедноста и безбедноста на нуклеарните инсталации, а тоа може да се постигне само со повлекување на руските сили“, се наведува во соопштението на Елисејската палата.

„Макрон, исто така, ја потврди својата решеност да го почитува украинскиот суверенитет над централата“, додаваат од француското претседателство и потсетуваат дека последниот разговор меѓу Макрон и Зеленски бил на 16 август.

Последниот оперативен реактор на нуклеарката Запорожје, како што соопшти украинскиот оператор „Енергоатом“ (кој и понатаму управува со централата, иако е заземена од руските сили), денеска е исклучен од украинската мрежа откако електричните столбови биле оштетени при, велат, руското гранатирање.

Прочитајте и:  НАТО и Киев закажаа состанок: Руското експериментално оружје нема да има ефект во конфликтот, ниту ќе ги одврати сојузниците од поддршката за Украина

„Како резултат на пожарот предизвикан од гранатирањето, денеска е прекинат последниот далновод за пренос“, соопшти „Енергоатом“ на Телеграм. Како резултат на тоа, додаваат, реакторот шест, што ја снабдува електраната со струја, исклучен е од мрежата“.

На 25 август најголемата нуклеарна електрана во Европа беше привремено исклучена од украинската мрежа за првпат во својата историја. Ова ги загрижува многу светски лидери, стравувајќи дека бомбардирањето, за кое меѓусебно се обвинуваат двете завојувани страни, Украина и Русија, ќе предизвика голема нуклеарна катастрофа.

За време на разговорот со Зеленски, Макрон ја повторил целосната поддршка на Франција за Украина со цел да ги врати нејзините најосновни права, почнувајќи од суверенитетот, безбедноста и територијалниот интегритет, се додава во соопштението на Елисејската палата.

Извор: МИА

- Реклама -