Гутереш: Само едно недоразбирање нѐ дели од целосно уништување, нуклеарното оружје мора да замине во историјата

Њујорк, 29 август 2022 (МИА) – Нуклеарното оружје мора да замине во историјата бидејќи не гарантира безбедност, туку носи само уништување, изјави генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.

„Нашиот свет доволно долго беше заложник на нуклеарно оружје. Овие уреди на смртта не гарантираат победа или безбедност. Според дизајнот, нивниот единствен резултат е уништување. Да обезбедиме крај на тестирањето засекогаш и да го оставиме нуклеарното оружје во историјата – еднаш засекогаш“, напиша тој на Твитер.

Генералниот секретар на ОН се осврна на ова прашање во неговиот говор на конференцијата за разгледување на Договорот за неширење на нуклеарно оружје (НПТ) во Њујорк на почетокот на август.

Тој предупреди дека „човештвото е само едно недоразбирање, една погрешна проценка до нуклеарно уништување“, бидејќи војната во Украина и тензиите во другите региони, климатската криза и пандемијата на Ковид-19 го доведоа светот „под поголем стрес отколку што беше“.

Прочитајте и:  Макрон го повика Путин да се вразуми, а Кина да го притисне за деескалација... потегот на Бајден го смета за „добра одлука“

„Откажувањето од нуклеарното оружје е единствената гаранција дека тоа никогаш нема да се употреби“, рече тогаш Гутереш.

САД, Велика Британија, Русија, Франција, Кина, Пакистан, Индија, Израел и Северна Кореја во моментов имаат нуклеарно оружје.

Според Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ), „од околу 12.705 боеви глави на почетокот на 2022 година, околу 9.440 биле во воени залихи за потенцијална употреба“.

- Реклама -