Приштина, 25 август 2022 (МИА) – Косовскиот премиер, Албин Курти, изјави денеска дека нема да прифати одлагање на спроведувањето на одлуката на неговата влада за реципроцитет кон Србија со патните документи на граѓаните од едната во другата држава и за замена на српските со косовски регистерски таблички, што треба да стапи во сила на 1 септември.
Во изјава за меѓународната новинска агенција Блумберг, што денеска ја пренесуваат дел од медиумите во Приштина, Курти вели дека „доколку ситуацијата ескалира во насилство, ќе ѝ стават крај полицијата на Косово и мировните сили на КФОР со 3.800 војници на НАТО“.
Споменатите одлуки на Владата на Курти требаше да стапат во сила на 1 август, меѓутоа откако ден претходно локалните Срби, кои се мнозинство во тој дел на Косово, организираа протести и поставија барикади на патиштата кон границата со Србија, беше одлучено мерките да се одложат за еден месец.
Меѓу оние кои тогаш најмногу инсистираа за одлагање беше американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер, кој веднаш по започнувањето на српските протести замина во кабинетот на Курти, по што беше објавена одлуката за одлагање до 1 септмеври.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, одредени косовки медиуми вчера објавија дека посредникот на ЕУ за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, кој заедно со американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, допатуваа во посета на двете земји, наводно побарал од властите во Приштина да ја одложат одлуката за уште три месеци.
Лајчак за време на денешната посета на Северна Митровица ги отфрли таквите информации и рече дека се работи за шпекулации.