Скопје, 22.08.2022 – Ново современо софтверско решение за мониторинг на состојбата на лозовите насади во реално време станува достапно и за агрономите и производителите на грозје во Македонија. Се работи за мобилната апликација – 4Grapes, која преку дигитална обработка на податоци од теренот им овозможува на агрономите и лозарите, на брз и едноставен начин, да добијат навремена и јасна слика за тековната состојба на лозовите насади, како и навремено да ја проценат можноста од појава на несакани промени и болести на лозите.
Карактеристиките и придобивките што ги нуди оваа софтверска апликација беа претставени на средбата на тема „Следење на штетници и болести на виновата лоза во тиквешкиот регион“ што се одржа во М6 Едукативниот центар. Презентацијата беше организирана во рамки на транснационалниот проект „Откривање на руралното наследство: автохтоно производство на ферментирани пијалаци за локална и еколошка одржливост“, во чија реализација е вклучена винарската визба „Тиквеш“, а е финансиран од Исланд, Лихтенштајн и Норвешка, преку ЕЕА и Норвешкиот фонд за грантови за регионална соработка.
Оваа активност е дел од партнерството што го гради и негува „Тиквеш“ со производителите на грозје, а во чии рамки винарската визба континуирано обезбедува поддршка во форма на стручни совети и едукација во процесот на одгледување и заштита на лозјата, заради воведување на светските стандарди и критериуми за квалитет во лозарството кои се од клучно значење за производството на вина со врвен квалитет.
Според еминетните експерти од оваа област, токму употребата на дигиталната технологија и воведувањето на современи практики во производството на грозје, кои се темелат на научни истражувања и мерења, ќе овозможат подобро да се искористи големиот потенцијал со кој располага Македонија за производство на квалитетни вина со висока додадена вредност.
* Комерцијален текст