Мицкоски бара уставните измени да бидат прва точка во парламентот по одморите, ако се изгласаат уште истиот ден заминува од политиката

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, побара власта веднаш по одморите да закаже седница на Собранието за уставните измени. Ако над 80 пратеници гласаат за измени на Уставот со цел да се впишат и Бугарите, тој рече дека наредниот ден ќе се повлече засекогаш од политиката. Но, во спротивно побара предвремени парламентани избори.

„Кажав вчера дека верувам во секој пратеник од пратеничката група предводена од ВМРО-ДПМНЕ во рамките на Парламентот дека под овие околности нема да гласа за промена на Уставот и дека доколку се случи такво нешто ќе заминам трајно од политиката. Затоа што имам полна доверба во сите. Еве денеска ќе одиме чекор понапред овде во Тетово, порака до Владата предводена од ДУИ и СДСМ и Димитар Ковачевски, веднаш откако парламентарците ќе се вратат од годишниот одмор првата точка на првата седница во Парламентот да биде предлог за измена на Уставот на Македонија и доколку тој собере 80 пратеника јас веднаш истиот ден ќе го исполнам даденото ветување. Доколку тој нема 80 пратеника тогаш да одиме на предвремени парламентарни избори“, изјави Мицкоски при посетата на Тетово.

Прочитајте и:  Мециновиќ: Со малограѓански сценарија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сакаа да избегнат одговори на прашањата поставени од Левица

Тој денеска и утре има средби и со коалициските партнери за прецизирање околу прашањето за референдумот и можната седница за уставни измени.

„Имав состаноци со четири од коалициските партнери. Продолжувам утре во текот на денот исто така со консултации додека не се исконсултираме со сите коалициски партнери, потоа во рамките на партијата, Извршниот комитет итн., откако Собранието ќе биде функционално ќе излеземе со конечен став околу референдумот, но мислам дека ставот е јасен и неколку пати повторен“, истакна Мицкоски.

Во Тетово Мицкоски се приклучи на кампањата за вонредни избори за Совет на Тетово и одржа средби со граѓани.

МИА

- Реклама -