МНР: Бугарскиот конзул немал право да присуствува на увидот на Комисијата за спречување дискриминација во „КЦ Иван Михајлов“

Генералниот конзул на Бугарија во земјава со седиште во Битола – Димитар Иванов, немал право да биде присутен за време на увидот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) во просториите на бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ во Битола, согласно Конвенцијата за конзуларни работи, бидејќи се работи за постапка во која се вклучени две здруженија, правни лица од Северна Македонија, регистрирани согласно постојните законски прописи на државата, соопшти попладнево Министерството за надворешни работи.

Како што се наведува во соопштението, МНР го следи и нотира ангажманот преземен од страна на КСЗД во врска со евентуалните наводи за извршена дискриминација во случајот со здружението „Иван Михајлов“. Цврста заложба на Министерството, се посочува, е сите вакви и слични примери да се решаваат институционално, согласно позитивните законски прописи на Северна Македонија, при што министерството ги охрабрува сите физички и правни лица да ги искористат овие правни инструменти и механизми во докажувањето на сите евентуални примери на дискриминација.

„Г-динот Иванов има право да ги застапува правата и интересите на државјаните на Република Бугарија кои живеат во Република Северна Македонија, но не и правата и интересите на здружение на граѓани регистрирано во Република Северна Македонија“, стои во соопштението од МНР.

Министерството укажува и на обврската на институциите да пристапуваат професионално и објективно кон ваквите претставки и предмети.

„Министерството укажува на обврската на сите институции, во случајот на Комисијата која покрива особено чувствителна проблематика, професионално и објективно да пристапуваат кон ваквите претставки и предмети, со цел да се одбегне било каква политизација во решавањето и заштитата на правата на физичките и правни субјекти“, се вели во соопштението.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) денеска соопшти дека присуството на генералниот конзул на Бугарија, Димитар Иванов за време на извршувањето на најавениот увид во просториите на Културниот центар „Иван Михајлов“ вчера во Битола, го доживува како обид за влијание врз нејзината работа, но и можност за инструментализација на Комисијата во политички цели, за што го известиле и МНР. Од КСЗД, посочуваат дека увидот е по поднесена претставка за дискриминација од здружение на граѓани против Културниот центар „Иван Михајлов“.

Прочитајте и:  Кос: Ќе работам на тоа билатералните прашања да не се увезуваат во процесот на проширување

„При увидот, спротивно на досегашните практики, констатирано е дека освен претставниците на Здружението, присуствуваше и генералниот конзул на Република Бугарија, г-нот Димитар Иванов. Неговото присуство за време на извршувањето на своите законски надлежности, Комисијата го доживува како обид за влијание врз работата на ова независно тело за еднаквост, но и можност за инструментализација на Комисијата во политички цели, за што го извести и МНР“, реагираа од КСЗД.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, се вели во соопштението, е формирана и работи согласно законот за спречување и заштита од дискриминација и според одредбите содржани во Законот, Комисијата е самостоен и независен орган избран од Собранието на Република Северна Македонија и за својата работа одговара единствено пред оваа институција.

По извршениот увид во просториите на клубот, Весна Бендевска од КСЗД во изјава за медиумите рече дека тоа е сторено по претставка за дискриминација од граѓанско здружение, но не прецизираше за што се однесува претставката, потенцирајќи дека Комисијата нема да прејудицира наводи, туку ќе го објави мислењето откако ќе заврши постапката.

„Согласно наводите во претставката должни сме да ја сослушаме другата страна против која е поднесена претставката и да прибавиме документи. Дојдовме на увид кој е најавен пред една недела и извршивме увид на просториите на потенцијалниот дискриминатор, како што наведува поднесувачот на претставката“, изјави Бендевска.

Културниот центар „Иван Михајлов“ беше отворен на 16 април во присуство на претставници на бугарскиот државен врв.

Извор: МИА

- Реклама -