Путин по средбата со Ердоган: Европските партнери треба да ѝ се благодарни на Анкара за непречениот транзит на нашиот гас преку Турски тек

Анкара, 5 август 2022 (МИА) – Гасоводот Турски тек работи без прекин и европските партнери мора да ѝ бидат благодарни на Турција за тоа, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин на средбата со неговиот турски колега Реџеп Тајип Ердоган во Сочи.

„Верувам дека нашите европски партнери мора да ѝ бидат благодарни на Турција за нејзината поддршка за непречен транзит на нашиот гас до европскиот пазар“, рече Путин.

Тој изрази очекување дека меморандумот за развој на трговијата и економските врски меѓу двете земји ќе бидат потпишани денеска.

Рускиот претседател му се заблагодари на Ердоган и за напорите што ги направи за да се реши прашањето за испорака на жито од Украина.

Од своја страна, Ердоган истакна дека Анкара и Москва се пред отворање на нова страница во билатералните односи и соработка.

„Верувам дека нашиот разговор ќе отвори нова страница во односите меѓу двете земји… Би сакал да разговараме за прашањата за енергетската соработка, извозот на жито преку Црното Море, туризмот и регионалните прашања“, рече Ердоган. Тој посочи дека една од темите на разговорот ќе биде и прашањето за Сирија.

Прочитајте и:  Путин со обраќање до нацијата: Конфликтот доби глобален карактер

Според претходните најави, Путин и Ердоган прво имаа тет-а-тет средба во Сочи, а потоа ќе им се придружат и делегациите. Во турската делегација се и министерот за надворешни работи, министерот за одбрана и шефот на разузнавачката служба.

Кремљ претходно најави дека ќе се разговара за енергетиката и за проширување на трговските и економските врски.

„Во согласност со договорите постигнати на билатералната средба на претседателите во Техеран на 19 јули, планирано е детално да се разговара за темата руско-турска мултилатерална соработка, вклучително и перспективите за натамошно проширување на трговските и економските врски и спроведувањето на заеднички стратешки проекти во енергетскиот сектор“, се наведува во соопштението на Кремљ.

Ова е втора средба меѓу Ердоган и Путин за 17 дена, откако претходно се сретнаа во Техеран, на трилатерална средба со иранскиот претседател Ебрахим Раиси.

- Реклама -