Радев му се јавил на Пендаровски да му го честита 2 Август: „Илинденско-Преображенското востание зазема значајно место во заедничката историја на двете земји“

Претседателот Стево Пендаровски имал телефонски разговор со претседателот на Бугарија, Румен Радев, по повод 2 Август – Денот на Републиката.

Како што велат од Кабинетот на Пендаровски за МИА, разговорот бил протоколарен, а Радев бил тој што се јавил за да го честита празникот Илинден.

Од Кабинетот на Радев, пак, соопштија дека тој испратил писмо со честитка и остварил телефонски разговор со својот колега Пендаровски, по повод „Националниот празник на Република Северна Македонија – 2 август“.

„Одбележувањето на Илинденско-Преображенското востание од 1903 година зазема важно место во нашата заедничка историја и е само еден од примерите на богатото духовно и културно-историско наследство кое тесно ги поврзува нашите две држави и нивните граѓани“, рекол Радев, се наведува во соопштението на неговата официјална веб страна.

Радев посочил и дека „нашата заедничка историја“ треба да се претвори во реален „фактор на зближување меѓу Бугарија и Република Северна Македонија“ и дека државниците и од двете страни треба да го дадат својот придонес во таа цел.

Декларираните амбиции за заедничка иднина во Обединета Европа треба да водат кон вистинско градење и продлабочување на добрососедските односи во интерес на граѓаните, што тие и го очекуваат“, подвлекол, исто така, Радев.

- Реклама -