Мицкоски: Илинден нѐ учи дека нема откажување, излезот е мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот за враќање на загубеното

Преку обединување и подавање рака кон секому на кој Македонија му е на прво место да се бориме против предавствата и болната реалност, порача денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, во своето обраќање по повод Денот на Републиката од струшкото село Ташмаруништа, место во кое се одвивале клучни битки за време на Илинденското востание.

Мицкоски повика преку обединување за Македонија да се вратат енергијата и државата, односно, како што рече, да се врати изгубеното и да создаваме иднина, без откажување, како илинденците.

„И не заборавајте, имаше прв, имаше втор Илинден, третиот Илинден беше 8 Септември 1991 година. Да се избориме за уште еден нов Илинден каде ќе имаме победа на Македонија над сите неправди, инсталации и сили кои нѐ влечат надоле. Илинден нѐ учи дека нема откажување и дека борбата е константа, а љубовта кон татковината најголема сила. Затоа и Македонија ќе победи и ќе одиме напред. Пламенот е разгорен, промените ќе се случат“, нагласи Мицкоски.

Навраќајќи се низ историјата, задушувањето на Илинденското востание и вербата на македонскиот народ да продолжи со борба за својата држава, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потсети дека успехот дошол 40-тина години подоцна во Асномска Македонија.

„Македонија на Ченто, на Петре Пирузе, на Михајло Апостолски, една цела плејада на херои кои ја креваа главата гордо високо кога многумина им велеа дека треба да клечат. Но ваквата историска читанка ни вели дека Македонија и Македонците секогаш, без оглед и на периодите на очигледна слабост на капацитетот на елитите да водат во дадените моменти, раѓала поединци чии дела ечеле во немиот простор на суровата реалност на беспаќата, обезнадеженоста на духот на нацијата и безволноста да се продолжи борбата. Тие поединци ја правеле разликата од останатите и биле примерот во кој народот верувал и по кој тргнувал во борбата да се отсонува сонот“, рече Мицкоски.

Имињата на хероите, додаде, ги изговараме со почит, затоа што, како што нагласи, тие верувале во идејата кога многумина се откажувале.

„Ако некој се сомнева во нивната припадност, за тоа кои биле и што биле, нивните коски се расфрлани насекаде низ оваа земја и тие извираат и живеат во нашите сеќавања, во раскажувањата на генерациите кои доаѓаат потоа, а нивната слава е неизбришлива. Делата на овие луѓе ја создаваа Македонија и затоа нејзиното постоење нема цена, и ако прашањето е на што сме подготвени да направиме за Македонија да опстои, треба да знаат дека ќе ја платиме секоја цена за да го зачуваме непроценливото“, порача Мицкоски.

Тој подвлече дека денеска на државата ѝ се случува историско дежа ву на сите аспирации на дел од соседите, кои во различни облици нѐ следеле како проклетство низ вековите.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ќе направиме се струјата да не поскапи, во најлош случај ќе биде за 3 отсто во третиот и четвртиот блок

„Не е проблем што тие удираат, но болката е што одвнатре Македонија е распродавана. И тука немаме ние некаков идеолошки судир, туку постои математичка пресметливост на владејачката елита, која преку трговија со најскапото ја задржува власта. Власта за мене е одговорност да се води, власта за оваа моментална елита е да ја крадат земјата“, рече Мицкоски.

Според него, актуелната власт во изминатите пет години ја уназадила државата, правејќи штета по стратешките позиции за кои, смета тој, ќе бидат потребни нови децении заедничка битка да се повратат.

„И кога тргуваа со заедничкото за нивна лична корист, го убиваа духот на Македонецот, го убиваа тој ентузијазам за новата држава кој полека прерасна во разочарувања, го убиваа сонот на тие момчиња и девојки кои ги вееја македонските сонца тој 8 Септември, ја убиваа секоја надеж дека можеме поинаку, секој план, секоја прогресивна размисла за потрагата по колективната среќа која без искучок завршуваше со желбата да бидеме признаени Македонци од Македонија, како дел од Европското семејство на рамноправни народи“, додаде Мицкоски.

Тој забележа дека власта има две цели: Сака да ги обвини Европската унија и меѓународната заедница за актуелните случувања во Македонија, и сака да го нападне ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата дека недоволно се бори за македонскиот национален идентитет.

„Не смееме, браќа и сестри, да конзумираме од измамите на власта и нивните лакеи во опозицијата. Не е виновна ЕУ за ова што денес ѝ се случува на Македонија и македонскиот народ, виновникот има име и презиме, Пендаровски, Ковачевски, Османи, Заев итн…, а политичката партија се вика СДСМ“, додаде лидерот на најголемата опозициска партија.

Излезот од моменталната состојба, смета тој, се предвремени избори и мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Парламентот како гаранција дека, како што рече, Македонија ќе го врати загубеното.

Во обраќањето тој се осврна и за барањето за референдум за прифаќањето на Францускиот предлог.

„Бегството од референдум на Владата е бегство од народот и доказ за тоа колку големо предавство прават на својата земја и на својот народ. Референдумот е огледалото на нивната немоќ, на нивниот морален хазард, и за тоа како бегајќи од референдум сакаат преку трупа, жедни преку езеро, на мала врата да го пренесат народот без да имаат обзири за тоа каква катастрофа прифаќаат. Јавно повикувам да поддржиме референдум, сите заедно да повикаме и на народот да му дадеме шанса да донесе одлука“, подвлече Мицкоски.

Извор: МИА

- Реклама -