Мицкоски „пријатно изненаден“ од ставот на Пендаровски за референдумот

„Морам да признаам дека после подолго време за прв пат можеби сме на иста бранова должина со Пендаровски. Во таа насока и јас размислувам да излезам со формулација на прашањето пред Извршниот комитет, но и пред граѓаните. Но, очекувам Пендаровски потоа да ги повика и останатите политички партии во Македонија, доколку таа биде суштината на прашањето, и да излезат на референдум“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, прашан за изјавата на претседателот на државата во однос на референдумското прашање.

Како што потенцираше Мицкоски, тој е пријатно изненаден од ставот на Пендаровски бидејќи е позитивен за референдумското изјаснување. А, референдумот, додаде, претставува највисок чин на демократијата во една држава.

„Граѓаните да одлучат дали сакаат вака асимилирани, бугаризирани, под диктат да имаат европска иднина, или пак горди, достоинствени, кога за тоа ќе се создадат услови во блиска иднина, да имаме европска иднина. Европската иднина и желбата на граѓаните, но и на политичките субјекти, никогаш не било под знак прашање и немало дилема, туку само патот. Е сега, за жал, оваа криминална Влада за да практично добие условно амнестија од меѓународната заедница за криминалот кој што го прави, нема проблем да распродава и да удоволува на определени бирократи во нивните барања. Но, мислам дека се движиме во правилна насока и еве ова што го кажа и Пендаровски во таа насока, да дадеме на граѓаните можност да одлучат каква да биде нивната европска иднина, дали ваква каква што ја нуди власта на СДСМ и ДУИ, или горда и достоинствена“, рече Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски за Денот на албанската азбука: Писменоста и образованието не се луксуз, тие се основни права и патот до трансформација на општеството

Според Пендаровски, пак, доколку се одржи референдумот што го најавува опозицијата, тогаш референдумското прашање треба да гласи „Дали сакате да одите во ЕУ под вакви услови“.

„Колку што разбирам, прашањето нема да биде за уставните промени, туку ќе биде за билатералниот договор со Бугарија и зошто тој влегува внатре. Ако некој не разбира дека овој билатерален договор, а и со Грција, се оската по која ние продолжуваме кон Европа, и сака тоа да го нема, почесно е референдумското прашање да гласи: ‘Дали сакате да одите во ЕУ под вакви услови?’. Без спомнување договори, точки… Опозицијата треба да излезе со чесна формулација и ако е такво прашањето, сите партии треба да излезат на референдум, а не да бојкотираат“, рече Пендаровски во интервју за неделникот „Фокус“.

Пендаровски, меѓутоа, предложи и да се тргне прагот од 50%+1 од запишаните гласачи, а наместо тоа успешноста на референдумот да зависи само од оние што сакаат да гласаат на дадениот ден.

„Да го симнеме прагот од 50 плус 1 од запишаните гласачи и да биде само од оние што сакаат да гласаат тој ден. Власта и опозицијата да го сменат Законот за референдум, да го исчистиме избирачкиот список според она што е нов попис и ви тврдам дека значаен дел ќе бидат ‘за’ ЕУ, исто како што тврдам дека мнозинството од реалниот електорат се изјасни позитивно на референдумот за Преспа“, рече Пендаровски.

- Реклама -