За 14-те лица кои ги загубија животите во пожарот во тетовската модуларна болница Основното јавно обвинителство Тетово до надлежниот суд поднесе Обвинителен предлог против три физички и едно правно лице.
Двајца се теретат за кривично дело тешки дела против општата сигурност, еден за непостапување според здравствени прописи додека правното лице за предизвикување на општа опасност.
„Двајцата првообвинети се товарат дека сториле по едно кривично дело – Тешки дела против општата сигурност по чл.292 ст.4 в.в. со чл.288 ст.4 в.в. со ст.2 од Кривичниот законик, третиот обвинет сторил кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија по чл.206 ст.1 од Кривичниот законик, додека обвинетото правно лице сторило кривично дело – Предизвикување општа опасност по чл.288 ст.5 в.в. со ст.4 в.в. со ст.2 и кривичното дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија согласно чл.206 ст.2 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик“, информираат од Јавното Обвинителство.
Четиринаесетте луѓе животите ги загубија на 8 септември 2021 година во пожар кој избувна во модуларната болница. Тие се лекуваа од Ковид-19. Досега се направија четири вештачења за да се утврдат причините поради кои настана пожарот и да се лоцира одговорноста.
Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред.
Стручни анализи беа направени од МВР, Технолошкиот факултет, од стручно лице – електроинжинер, како и експерти и истражители од сојузната криминалистичка полиција на Германија.