Бектеши: Енергетски најтешката зима е пред нас, очекувам да нема рестрикции доколку сѐ оди според планот

Очекуваме тешка зима и затоа Министерството за економија планира во август да прогласи кризна состојба во делот на електричната енергија, најави денеска ресорниот министер Крешник Бектеши и порача дека не очекува да има рестрикции доколку сѐ се одвива според планот.

„Планираме да ја ставиме во функција Комисијата согласно Законот за енергетика и во август да прогласиме кризна состојба во делот на електричната енергија. Таа комисија, согласно правилникот и одредбите предвидени и во Законот и во уредбата која е усвоена од страна на Владата, предвидува различни мерки, вклучувајќи ги и рестрикциите. Но, ако се одвива сѐ согласно планот и во случај да нема забрана на увоз на електрична енергија, како што сме имале во одредени периоди во минатото од страна на Бугарија, не верувам дека би имало рестрикции во нашата држава“, изјави Бектеши.

Сепак нагласи дека ќе ја имаме најтешката зима, а ситуацијата, како што рече, е толку сериозна и непредвидлива и не зависи само од нашата земја и од државите во регионот, туку зависи и од начинот како ќе се одвива војната во Украина.

„Денеска добивме добри вести дека почнало да има снабдување со природен гас. Правиме напори да имаме алтернативи на снабдување со природен гас и во случај ако има целосна забрана, тогаш треба да користиме алтернативен енергенс со цел да работат топланите и индустриските капацитети, а и индустријата и домаќинствата да не останат без снабдување со електрична енергија“, рече Бектеши.

За таа намена, посочи, веќе се набавува мазут, кој е единственото гориво на кое веднаш може да се префрлат топланите и индустриските капацитети и истакна дека во солунското пристаниште е стигнат брод со мазут за потребите на земјава.

„Во делот на алтернативите согласно Законот е предвиден да има друг енергенс освен природниот гас. Но имајќи ја во предвид технологијата што го имаат нашите капацитети и топланите и електраните, тие ако треба да се префрлат од природен гас може да одат само на мазут. И тоа е реалноста во нашата држава бидејќи такви капацитети имаме“, рече Бектеши.

Правиме напори, додаде, да обезбедиме природен гас од друг извор освен од Газпром, но тоа зависи од ослободувањето на капацитетите во Бугарија и договорот што го има Булгар трансгас со Газпром за закупување на сите капацитети до 2030 година.

„Ако тие капацитети се ослободат од страна на Булгар трансгас, ние сме подготвени да се снабдуваме со природен гас од други извори, вклучувајќи ги Азербејџан, но и енерџи терминалите, било тоа во Грција, било тоа во Турција“, истакна Бектеши.

Порача дека моменталната цена на електричната енергија на берзата ХУПЕКС е околу 420 евра за мегават час или речиси 10 пати поголема во споредба со цената од 48 евра за мегават час што ја нуди ЕСМ за домаќинствата и нагласи дека се очекува оти зимава ќе биде и околу 500 евра за мегават час.

Прочитајте и:  Кулеба: Војната во Украина нема брзо да заврши

Рече дека се прават напори ЕСМ да ги обезбеди сите потреби на домаќинствата и на 67-те илјади микро и мали компании кои се на регулираниот пазар.

„И малите и микро компаниите на некој начин се субвенционирани од државата и за нив цената на електричната енергија се движи од 205 до 210 евра за мегават час што е двојно пониско од пазарната. Само 4.500 компании се на слободниот пазар од кои повеќето имаат договори за набавка на електрична енергија со пониски цени од пазарната. Сепак ќе се сретнам со Стопанската комора за да видиме што може да се направи за да им помогнеме“, рече Бектеши.

Прецизираше дека Третиот блок на РЕК Битола ќе биде ставен во функција на 1 октомври наместо на 15 ноември како што првично било планирано и оти за тоа се направени сите подготовки. РЕК Осломеј денеска ќе биде исклучен од системот за да се направат потребните ремонти и од септември да биде во функција, а следната недела ќе биде ставена во функција и една постројка во ТЕЦ Неготино. Доколку се договорат со стопанските комори ќе се активира и втората постројка во ТЕЦ Неготино од околу 90 мегавати која ќе работи само за потребите на индустријата. Зголемен е, како што кажа, и ископот на домашните капацитети за јаглен, а потпишани се и договори за континуирано снабдување со јаглен за потребите на РЕК Битола и РЕК Осломеј со фирми од Грција и Албанија. Се очекува тоа да се направи и со фирма од Косово. Капацитетот на акумулациите е на ниво од 50 отсто што е за 20 отсто повисоко од лани, а хидро потенцијалите од почетокот на годинава се користат само за балансирање на системот и системски усогласувања, но не и за производство на електрична енергија. Се планира тоа да се прави до ноември со цел да се зачуваат капацитетите за зимата.

Министерот информираше дека од страна на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) во текот на вчерашниот ден се обезбедени 100 милиони евра за ликвидноста на АД ЕСМ за да може во текот на годината да има средства да купува електрична енергија доколку има недостиг и да купува јаглен и мазут за домашните капацитети за производство на електрична енергија.

МИА

- Реклама -