Денеска е ден кога се постигнува клучен пробив за Северна Македонија и за Западниот Балкан, но и за ЕУ во целина, изјави во Брисел вискиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жосеп Борел, на првата Меѓувладина конференција со која е отворен процесот на пристапни преговори на земјава со Унијата.
„Живееме во време на тектонски геополитички промени и се движиме кон стратешки и историски одлуки и гледаме стратешки промени во нашата околина, а Северна Македонија е дел од нив. Може да напредуваме само заедно со целосно интегрирање на Западниот Балкан во ЕУ. Таа нема да биде целосна без Вас“, додаде Борел.
Тој, како што јавува известувачот на МИА од Брисел, потенцирал дека живееме и во време на политики на идентитети, кои се тема што страствено се дискутира изминативе недели и месеци, нагласувајќи дека Северна Македонија со својот идентитет, култура и историја секогаш била дел од Европа.
„На патот кон ЕУ нема да го загубите својот идентитет. Никој од нас не го губи. Вам не ви требаат заклучоци од Советот за да го знаете тоа. Вашиот идентитет ќе остане и ќе биде зголемен со другите идентитети, кои не се алтернативни, туку се надополнуваат. Затоа сме тука денес. Ни требате. Ни треба Северна Македонија за да го надополни нашиот сложен идентитет. Потребни сме си едни на други затоа што заедно сме посолни“, истакна Борел.
Тој потсети дека беше претседател на Европскиот парламент во 2005 година кога земјава го доби кандидатскиот статус за членство во ЕУ, за конечно сега – 17 години подоцна, да сме сведоци на отпочнувањето на еден нов процес.
„Денеска Северна Македонија оди кон следната фаза од својот пат кон Европската унија. Живееме во клучни времиња и овој момент треба да биде искористен од Северна Македонија за да ги спроведе клучните реформи и ние ќе ве поддржиме на тој пат“, рече Борел.
Тој нагласи дека во текот на пристапниот процес македонското општество ќе се трансформира и ќе се спроведат реформи што ќе донесат материјални продобивки за граѓаните, за што земјава ќе ја има целосната поддршка на ЕУ, како и за справување со последиците од руската агресија на Украина, пред сѐ во безбедноста на енергетиката и храната.
Борел потсети и дека Северна Македонија е веќе сто проценти усогласена со надворешната политика на ЕУ, што, како што нагласи, јасно ја укажува стратешката насока на земјата.
МИА