Македонскиот јазик е признаен од 26 земји членки на Европската Унија, што значи дека ќе биде и официјален јазик на ЕУ. Секако, една земја членка секогаш има право со некои еднострани изјави да искаже некои свои резерви, но тоа сигурно нема да има никакво влијание на статусот на македонскиот јазик во ЕУ, изјави денеска во Скопје амбасадорот на Република Словенија, Милан Предан.
Предан, одговарајќи на новинарски прашања пред информативниот настан на Секретаријатот за европски прашања и Амбасадата на Словенија за отворениот повик за кофинансирање на развојни проекти, нагласи дека сигурно 26-те земји членки кои го признаваат македонскиот јазик како македонски јазик, не можат да го прифатат ветото поради тоа што една земја членка има резерви за јазикот.
„Треба да знаете дека во текот на преговорите ќе има многу ситуации кога ќе може да се создаваат некои пречки. Секако, не само од страна на една земја членка, може да бидат и од страна на друга земја членка. Тоа сме го доживеале сите што сме преговарале“, изјави Предан.
Словенија, посочи тој, исто така имаше отворено прашање со еден од соседите пред почетокот на преговорите со ЕУ.
„И Словенија мораше на барање на еден од соседите да го промени Уставот. Доста слична ситуација во тој поглед и ние тогаш едноставно проценивме дека целта, да се влезе во ЕУ е поважна од тоа. Така што, тоа не е ништо ново. Сите што преговарале со ЕУ биле во ситуација да имаат некои пречки во тој процес, но она што е најважно е дека македонскиот воз кон ЕУ конечно тргна или ќе тргне“, вели амбасадорот.
Во однос на сите отворени прашања и стравови, Предан оцени дека е многу подобро да се преземе ризикот отколку да се остане каде што сме сега.
„Владата ја презема таа одговорност и секако, на крајот самите гласачи во даден момент ќе оценат дали таа одлука била добра или не. Јас сигурно верувам дека одлуката е добра за иднината на вашата држава“, изјави тој.
Извор: МИА