Рама: Се надевам исходот од дебатата ќе биде позитивен, во спротивно уште следниот ден ќе бараме одвојување од Северна Македонија

Валона, 14 јули 2022 (МИА) – Премиерот Еди Рама предупреди дека доколку не се отворат преговорите за Албанија, следниот ден ќе се бара „одвојување од македонско-бугарското прашање“.

„Се надевам дека резултатот од дебатата во Парламентот на Северна Македонија ќе биде позитивен. Ако е така, Конференцијата дефинитивно ќе биде свикана наскоро. Доколку не биде позитивен, веднаш следниот ден ќе продолжиме да бараме одвојување на Албанија од бугарско-македонското досие. Дефинитивно сме убедени дека Албанија треба да ги отвори преговорите оваа година без дискусија. Сега да го почекаме крајот на оваа маратонска дебата што се очекува да се одржи во парламентот на РСМ“, рече Рама на заедничката прес-конференција во Валона со еврокомесарот за проширување и добрососедска политика, Оливер Вархеји.

Посакувам, додаде тој, парламентот на Северна Македонија да го „отвори патот за предлогот на Франција и двете земји да влеземе во преговори“.

„Но, ова, како што вели и еврокомесарот, не е нешто што го одлучуваме ние, туку суверениот парламент на Северна Македонија. Сакам уште еднаш да истакнам дека му благодарам на комесарот за почитувањето на интеграцијата и финансискиот аспект на Балканот. Нема само патишта туку и железници. Ќе побараме поддршка за новото пристаниште Драч. Побаравме поддршка од инвестицискиот пакет на НАТО“, рече тој.

Во понеделникот координаторот на пратеничката група на албанската владејачка Социјалистичка партија и генерален партиски секретар, Таулант Бала, изјави дека Првата меѓувладина конференција со Албанија „а се надева и со Северна Македонија“, ќе се одржи следната недела 19-20 јули, што, како што оцени е добра вест.

- Реклама -