Мицкоски за „Политика“: Францускиот предлог не нуди почеток на македонската евроинтеграција

Францускиот предлог за решавање на билатералниот спор меѓу Бугарија и Северна Македонија не нуди почеток на македонската евроинтеграција, туку, напротив, отвора бесконечни преговори или асимилација по бугарски диктат, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Во Бугарија ликуваат што овој предлог ги содржи сите нивни барања кои се крајно неповолни за Македонија и имаат тенденција да го негираат македонскиот идентитет, јазик и историја“, тврди Мицкоски во интервју за белградски „Политика“.

Според него, како што јави дописникот на МИА од Белград, сега повторно имаме уцени, ултиматуми, диктат.

„Доколку на оваа содржина се додаде и едностраната декларација на Бугарија, која директно ја негира посебноста на македонскиот јазик и нотира дека тој е бугарски дијалект, очигледно е во каква позиција е Македонија, која нема никакви гаранции од Европската унија за европската перспектива“, вели Мицкоски.

Како што тој го оцени францускиот предлог, „по сите голготи низ кои помина, македонскиот народ не може да биде согласен со овој предлог“.

„ВМРО-ДПМНЕ како одговорна партија и предлага на владејачката СДСМ да го отфрли францускиот предлог за евроинтеграции, а ние ќе се откажеме од барањето за предвремени избори“, вели Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски: Нашите аргументи му се предочени на Радев, очекувам добрососедство и до крајот на годинава да го продолжиме нашиот процес

Тој истакна дека протестите во земјава добиваат поддршка не само од ВМРО-ДПМНЕ, туку и од интелектуалци, експерти на евроинтеграциите и поддржувачи на владејачката партија, додавајќи дека земјава има свои цели и мора цврсто и одлучно да застане зад своите интереси.

„Ние сме кандидати за членство во ЕУ веќе 17 години и мораме да работиме за да достоинствено го добиеме тој датум за влез во ЕУ“, рече тој.

Говорејќи за Отворен Балкан, Мицкоски вели дека ја поддржува таа иницијатива, но оти таа не смее да биде алтернатива на ЕУ.

„Реформите на балканските земји се поттебни и треба да продолжат без разлика дали се резултат на некоја регионална соработка или се спроведуваат од секоја земја посебно. Јас верувам во идејата за обединет Балкан во обединета Европа“, додава Мицкоски во интервјуто за „Политика“.

Извор: МИА

- Реклама -