Попоски: Треба да побараме Франција и Германија да усвојат декларации за нашето право за македонски јазик и да се чувствуваме Македонци

Францускиот предлог воопшто не нуди гаранции, смета поранешниот шеф на македонската дипломатија – Никола Попоски. Во „Тема на денот“ на ТВ „Сител“, Попоски оцени дека никој ништо не ни гарантира и не треба да очекуваме дека некој ќе дојде и ќе рече „отсега ќе биде по ваше“, затоа што тоа нема да се случи.

Нашите национални интереси веќе се под голем прашалник со францускиот предлог, смета Попоски, кој подвлече дека, како што и самата ЕУ вели, таа не може и нема да ги игнорира ставовите на парламент на нејзина земја членка (Бугарија). Сепак, според Попоски, тоа може на некој начин да се избалансира ако, доколку има согласност меѓу сите политички партии во македонскиот Парламент, ние упатиме барање директно до францускиот и до германскиот Парламент тие да усвојат свои декларации во кои ќе се повикаат на Универзалата декларација за човекови права и нашето право да имаме македонски јазик, да се чувствуваме како Македонци и во иднина тие (Македонци) да бидат дел од ЕУ, во оној момент кога ќе станеме членка. Во таков случај, вели, конфронтацијата ќе биде помеѓу ставовите на парламент на една земја членка (Бугарија) наспроти ставовите на парламентите на две силни земји членки.

Доколку Франција и Германија одбијат тоа да го направат, смета Попоски, ние имаме уште поголемо право да бидеме загрижени за нашите национални обележја, бидејќи тоа потврдува дека прашањето се остава отворено и ќе се проблематизира понатаму во преговорите за членство. Целиот разговор (препорачуваме) погледнете го ТУКА.

- Реклама -