Блокади низ целата држава од утре со почетокот во 13 часот – беа најавени вечерва од протестот пред Собранието со кој веќе шести ден се бара отфрлање на францускиот предлог за кревање на бугарското вето и деблокада на македонските евроинтеграции.
На протестот, кој засега се одвива мирно и без инциденти, се бараат оставки од Владата која, како што рекоа учесниците, ја доставила срамната преговарачка рамка до Собранието.
„Нашата последна црвена линија е Уставот“, рече Ивица Боцевски, кој се обрати на собирот, порачувајќи им на лидерите на опозициските партии дека тие се последниот бедем на македонскиот народ и државност, а собраниот народ на протестот ќе биде нивна заштита и ќе ги поддржи да опстојат за да нема никаква промена на Уставот која ќе ги земе предвид бугарските барања.
Протестот почна пред Владата, по што учесниците се упатија пред Министерството за правда и зградата на Собранието, каде доцна попладне Владата ја испрати предлог преговарачката рамка, но седница не е закажана.
МИА