Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА) очекува Владата и сите останати општествено-политички фактори да се обединат и да изградат стратегија која целосно ќе го зачува македонскиот идентитет, македонскиот јазик, култура и историја во семејството на европските народи.
Синодот, во соопштението по денешната вонредна седница на која дискутирало за актуелната состојба во македонското општество, ја информира јавноста дека доколку во која било форма биде загрозена македонската посебност, МПЦ-ОА нема да го прифати тоа.
„Светиот Синод со загриженост посвети внимание на ситуацијата предизвикана од последниот модифициран француски предлог, како и последиците што би произлегле од истиот, и повторно упатува апел за неприкосновено зачувување на македонските национални интереси. Како Синод очекуваме Владата и сите останати општествено-политички фактори вклучени во овој процес да се обединат и да изградат стратегија која целосно ќе го зачува македонскиот идентитет, македонскиот јазик, култура и историја во семејството на европските народи. Синодот ја информира јавноста, доколку во која било форма биде загрозена македонската посебност, МПЦ-ОА нема да го прифати тоа“, се наведува во соопштението.
Воедно, од Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА го повикуваат македонскиот народ и сите граѓани во македонското општество на целосно обединување, притоа да ги искористат сите демократски средства за зачувување на својот опстој.
„Оние, пак, кои одлучиле преку протест да го остварат своето право, тоа да го направат достоинствено, без насилство и без уништување на јавните добра“, се наведува во соопштението.