Власта да не ги убедува граѓаните во обратното – францускиот предлог е штетен по македонскиот народ и државност и истиот нема да добие народна подршка, порача кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.
„Од билатерален дозволувате да се трансформира во мултилатерален проблем со кој еден ден ќе се соочат нашите внуци и правнуци а дополнително се обидувате да ја релативизирате тежината на предлогот“, критикуваше Димитриевски на својот Фејсбук профил.
„Лидерството значи да мислиш и работиш за националните и државни интереси, не да го уриваш и подгазуваш тоа што предците ти го оставиле“, порача тој.
„Тоа што не го постигнаа во минатото со оружје во балканските, првата и втората светска војна, денеска се обидуваат по дипломатски пат да го постигнат со власт која, за жал, по сите досегашни постапки, повеќе не го застапува нашиот национален и државен интерес“, оцени Димитриевски.
Македонскиот народ и сите граѓани на Македонија, како и многупати до сега низ историјата, ќе го надминат и овој предизвик, смета кумановскиот градоначалник. Сите заедно, уверен е, ќе излеземе посилни и пообединети, за, како што рече, „НАША МАКЕДОНИЈА“.
„Македонецот опевал и ќе опејува многупати за јунаштво и подвиг, но исто така и за предавство и самопонижување… Вие самите од власта изберете си ја песната, јас мојата многу одамна ја избрав. МАКЕДОНИЈА ЌЕ ПОБЕДИ!“, порача Димитриевски.