Совет на амбасадори: Историските прашања, јазикот и билатералниот протокол не смеат да бидат дел од преговарачката рамка

Советот на амбасадори, осврнувајќи се на постигнатите резултати од Самитот на Европската Унија, смета дека е постигнат историски чекор со доделувањето на кандидатскиот статус на Украина и Молдавија како и отворените европски перспективи за Грузија. Меѓутоа во однос на аспирациите на Западен Балкан, повторен е несупехот од изминатите години. Северна Македонија и Албанија не добија датум за преговори, Србија и Црна Гора тапкаат во место, БиХ не доби кандидатски статус, додека Косово не доби визна либерализација.

Во однос на предложената преговарачка рамка од страна на Франција, Советот на амбасадори смета дека овој мултилатерален документ дава надежни основи за добивање на датумот за отпочнување на преговорите со ЕУ, но со неколку забелешки.

Според нив, билатералниот протокол, кој инаку не е потпишан од страна на претставниците на заедничката комисија, а усвоен од страна на Собранието на Бугарија, не смее да остане во заклучоците на Европскиот совет, бидејки ќе ѝ овозможи на Бугарија постојано да се повикува на контроверзните делови на овој документ.

Советот уште еднаш подвлекува дека историските прашања не треба да бидат составен дел на Преговарачката рамка.

Што се однесува до најчуствителното прашање на идентитетот, а тоа е јазикот, доколку Бугарија инсистира на непризнавањето на македонскиот јазик, треба јасно да се даде до знаење дека граѓаните, политичките и државните институции на нашата држава ќе ја отфрлат таквата Преговарачка рамка. Инаку според францускиот предлог јазикот на преведување на актите на Унијата е македонски, и тоа не може да биде предмет на преговори.

Советот на амбасадори смета дека „е ирационален и нереален е предлогот на Софија, како conditio sine qua non да се условува отворањето на Уставот заради внесувањето на самоосвестените Бугари од Северна Македонија во Преамбулата на Уставот пред отпочнувањето на преговорите“.

„Повеќе од јасно е дека во овој миг не постојат реални претпоставки за достигање на двотретинско мнозинство. Сметаме дека ова прашање треба да се реши при завршетокот на преговорите или во некој поволен моментум“, се наведува во соопштението.

Советот смета дека ЕУ треба да ѝ гарантира на Северна Македонија дека нема да ги прифаќа останатите новонастанати предлози на бугарската страна оти таквиот потег би личел на игри без граници.

Советот на амбасадори апелира до сите политички субјекти без оглед на нивната идеолошка припадност, во соработка со невладиниот сектор да направаат напори за создавање заеднички ставови во надворешната политика за прашања од државен интерес сè со цел земјата успешно да ги надмине пречките во нејзиниот пат кон полноправно членство во Унијата.

МИА

- Реклама -