Петков: Бугарскиот парламент донесе историска одлука, „сега на Владата на РСМ е да каже дали сака во ЕУ“

Народното собрание на Бугарија денеска донесе историско решение што дава зелено светло на францускиот предлог за приклучување на Северна Македонија во Европската Унија, оцени на Твитер премиерот на Бугарија во оставка – Кирил Петков, додавајќи дека интеграциите на Западен Балкан се од стратешки интерес за ЕУ.

Со усвоената одлука, Парламентот ѝ даде право на Владата во оставка да ги одобри преговарачка рамка и заклучоците предложени од француското претседателство со Советот на ЕУ за решавање на односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, ако се исполнети неколку услови.

Пред новинарите во Брисел, Петков изјави дека е донесена навистина одговорна одлука, за што ѝ заблагодари и на  министерката за надворешни работи во оставка Теодора Генчовска која, како што рече, „јасно ставила до знаење, и покрај притисокот од партијата што ја номинираше, дека тоа е најдобро решение“.

„Ѝ благодарам на Генчовска за храброста и покрај коментарите на Слави Трифонов“, рече Петков.

За францускиот предлог гласаа 170 од 240 пратеници, што, како што оцени Петков, е потребната поддршка за ваква одговорна одлука.

Прочитајте и:  ЈСП ќе добие шест еколошки автобуси донација од ЕУ

Петков додаде и дека европските лидери заклучиле дека Бугарија го направила својот чекор, кој е поддржан од француската Влада и ЕУ и, како што посочи тој, тие „сфаќаат дека бугарските барања стануваат европски“.

Сега, според Петков, време е Владата на Република Северна Македонија да покаже лидерство и ја поведе својата нација:

„Во моментов останува на нив да кажат дали сакаат да бидат дел од ЕУ и дали се подготвени да ги преземат чекорите за тоа да стане реалност“, порача Петков.

Според одлуката на бугарскиот парламент, „чекорите“ (читај: условите) се:

• Ефикасно имплементирање на Договорот за добрососедство, • гаранција за правата на Бугарите во Република Северна Македонија преку нивното вметнување во Уставот,
• ништо во пристапниот процес на РСМ да не биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија, и
• гаранции од ЕУ дека сето ова ќе биде исполнето…

Извор: МИА

- Реклама -