Претседателот на Франција, Емануел Макрон, чија земја претседава со ЕУ до крајот на месецов, се надева дека сѐ уште е можен договор меѓу Скопје и Софија за преговарачката рамка, јави дописничката на МИА од Брисел.
„Блиску сме до договор кој овозможува правда за бугарските барања и е компатибилен со тоа што Северна Македонија може да го направи, потребно е видливост и доверба, во следните часови ќе има гласање на бугарскиот Парламент, ќе гледаме кон бугарскиот претседател и партиите од сегашното мнозинство, опозициските партии“, рекол Макрон, и додал дека со „Северномакедонците“ во следните часови ќе разгледува начин да се склучи договорот, за до идната недела да помине на амбасадорско ниво и да се деблокира процесот.
Макрон ја поздрави и храброста на „некои лидери на Северна Македонија“, конкретно именувајќи го екс-премиерот Зоран Заев, за тоа што го смени Уставот и името на државата.
„Една земја членка со задоцнување побара промени“, рече Макрон за Бугарија, додавајќи дека ЕУ не може да се преправа дека нејзините барања не постојат. Макрон посочи и дека има политичка криза во Бугарија. Тој го пофали и премиерот на Бугарија, Кирил Петков, за неговата политичка храброст.
Извор: МИА