Борел: Една земја го блокира целиот процес на проширување, ЕУ мора да го вклучи Западниот Балкан во „својот свет“

„Денеска не е добар ден, бидејќи требаше да го започнеме пристапниот процес со две земји, но не можеме, затоа што една држава го блокира целиот процес на проширување“, изјави денеска во Брисел високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел пред почетокот на Самитот ЕУ – Западен Балкан.

Тој изрази незадоволство поради недостигот на напредок во Бугарија во однос на отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, додавајќи дека тоа покажува оти принципот на консензусот не е добро решение за носење одлуки во ЕУ.

„Овој случај уште еднаш покажа дека консензусот е проблем при одлучувањето. Не можеме да продолжиме, затоа што една земја блокира“, потенцира Борел.

Прочитајте и:  Мицкоски: Нашите аргументи му се предочени на Радев, очекувам добрососедство и до крајот на годинава да го продолжиме нашиот процес

Тој истакна дека ЕУ мора да стори сѐ за да го вклучи Западниот Балкан во „својот свет“, нагласувајќи дека тоа ќе може да се направи со покана на земјите од регионот да учествуваат на состаноците на министрите за надворешни работи на ЕУ и на други собири.

„Мораме да продолжиме да го спречиме гаснењето на европскиот пламен на Западниот Балкан“, потенцира Борел.

Сепак според него, има една добра вест, а тоа е напредокот во дијалогот меѓу Белград и Приштина во сферата на енергетиката.

„Тоа е многу важен чекор напред и ќе продолжиме да работиме понатаму. Можно е да имаме состанок на највисоко ниво до крајот на месецот“, додаде евро претставникот.

МИА

- Реклама -