Еврокомесарот за проширување и соседска политика – Оливер Вархеји, денеска на неговиот Твитер профил ја поздрави одуката на поранешниот бугарски премиер и претседател на опозициската партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), Бојко Борисов, да го поддржи „францускиот предлог“ за деблокада на евроинтегративниот процес на земјава.
„Му благодариме на лидерот на опозициската ГЕРБ, Бојко Борисов, за донесување на историската одлука за Европа и за Северна Македонија да прифати преговори базирани на францускиот предлог, што ќе овозможи да се пристапи кон отворање на пристапните преговори со Северна Македонија. Очекуваме (бугарската) Влада да го достави неопходниот предлог до Парламентот денеска, со што Европа ќе може да оди напред“, пишува Вархеји на неговиот профил на твитер.
We thank leader of opposition Gerb @BoykoBorissov for making a historical decision for Europe & for 🇲🇰to accept negotiation based on🇫🇷proposal allowing to proceed w/ opening accession nego w/ 🇲🇰. We expect gov’t making necessary proposals to Parl today so Europe can move forward.
— Oliver Varhelyi (@OliverVarhelyi) June 22, 2022
Поранешниот бугарски премиер и лидер на партијата ГЕРБ, Борисов, денеска го повика претседателот на Владата на Бугарија, Кирил Петков до Народното собрание на земјата официјално да го достави предлогот на француското претседателство со ЕУ за деблокада на евроинтегративниот процес на Северна Македонија. На вонреден брифинг во седиштето на ГЕРБ, Борисов изјави дека Пратеничката група на неговата партија, која брои 59 пратеници, ќе го поддржи „францускиот предлог“ на пленарна собраниска седница.
„Предлогот на француското претседателство со ЕУ за Северна Македонија е најдобар“, рече Борисов, согласувајќи се со претходно дадената изјава на претседателот на Бугарија, Румен Радев околу предлогот на Франција.
МИА