Холандија сега е за приклучување на Скопје и Тирана во ЕУ

Холандската влада сега ги поддржува кандидатурите на Албанија и на Северна Македонија за влез во ЕУ, иако во 2019 година го блокираше почетокот на преговорите заедно со Франција и Данска со двете балкански земји. Владата и коалициските партии во Претставничкиот дом сега се залагаат двете земји, кои се надеваат на почеток на преговори за членство, да влезат во ЕУ, пишува холандски NL Times.

Почетокот на преговорите со земјава е блокиран од ветото на Бугарија за спорот за јазикот и историјата, додека напредокот на Тирана на патот кон ЕУ е поврзан со напредокот на Скопје, посочува изданието.

Во мај, Европскиот парламент побара од Европскиот совет двете земји-кандидатки да го започнат преговарачкиот процес, посочувајќи на „геостратешкиот контекст на односите со Русија и руската агресија против Украина“.

Холандскиот премиер Марк Руте сега се залага Албанија и Северна Македонија да го започнат преговарачкиот процес, објави холандската ТВ Телеграф (Де Телеграф).

Прочитајте и:  Мицкоски: Со Макрон отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон ЕУ

Во 2018 година, Руте рече дека овие две земји ќе ја „ослабнат целата Унија“, укажувајќи на корупцијата и недостатокот на слобода на медиумите. Една година подоцна, Холандија, заедно со Франција и Данска, го блокираа почетокот на преговорите за членство во ЕУ за двете земји.

Хаг го промени својот став и покрај значителниот пад на слободата на медиумите во Албанија и фактот дека корупцијата, особено на високо ниво, останува важно прашање, пишува EURACTIV.

Руте сега бара поддршка од цела ЕУ. Тој на прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц во мај рече дека сите во ЕУ се обидуваат да направат сѐ што е можно Западен Балкан да остане стабилен и да се најде решение за проблемите во регионот, особено во Северна Македонија и Бугарија.

Извор: МИА

- Реклама -