100 до 200 украински војници гинат на фронтот секој ден, „сѐ зависи од тоа што оружје Украина ќе добие од Запад“

Oд 100 до 200 украински војници ги губат животите на линијата на фронтот секој ден, изјави за Би-Би-Си советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски – Михаило Подољак.

Тој посочи дека украинските трупи се под постојано бомбардирање и дека на Украина ѝ се потребни стотици западни артилериски системи за да ги израмни силите со Русија во источниот регион Донбас.

„Руските сили го фрлија речиси секое ненуклеарно оружје на фронтот, а тоа вклучува тешка артилерија, ракетни системи и авијација“, додаде Подољак, повторувајќи го повикот до Западот за повеќе оружје со цел да се анулира „целосната нееднаквост“ меѓу руската и украинската армија што, според него, е причината за големиот број украински жртви.

И вториот човек на украинската воена разузнавачка служба, Вадим Скибицки, потврди дека Украина моментално губи на првите линии на фронтот и е целосно зависна од пристигнувањето на оружје од Запад. Тој посочи дека украинските сили ја потрошиле речиси целата своја артилериска муниција и сега користат ракети на НАТО, но, како што рече, ситуацијата се влошува бидејќи на Европа ѝ снемува оружје.

„Иднината сега ќе се решава на фронтот, а ние губиме во контекст на артилерија. Сега сѐ зависи од тоа што ќе добиеме од Запад. Украина има едно парче артилерија за 10 до 15 руски“, изјави Скибицки.

Прочитајте и:  НАТО и Киев закажаа состанок: Руското експериментално оружје нема да има ефект во конфликтот, ниту ќе ги одврати сојузниците од поддршката за Украина

Од друга страна, британското разузнавање утрово објави дека Русија се мачи да обезбеди основни јавни услуги за населението на териториите што ги зазема. Проблеми, според разузнавачите, има со водоснабдувањето, како и со телефонските и интернет услугите.

Во Керсон има критичен недостиг на лекови, додека на Мариупол му се заканува голема епидемија на колера, се вели во извештајот, посочувајќи дека првите случаи биле изолирани минатиот месец.

„Медицинските служби во Мариупол веројатно веќе се блиску до колапс. Епидемијата на колера дополнително ќе влоши ситуација“, рекле од британското Министерство за одбрана за Би-Би-Си.

Ризикот од колера во Мариупол го потврди и пребегнатиот заменик-градоначалник Серхи Орлов, кој алармираше дека стотици илјади луѓе останале во градот.

„Апсолутно е можно епидемијата да се прошири во овие услови. Санитарниот систем е нефункционален, сѐ е полно со трупови под урнатините, а медицинската нега практично не постои. Русија продолжува да ги блокира сите обиди за добивање хуманитарна помош. Тука нема хуманитарна организација, Црвен крст, ОН или СЗО. Значи, нашите граѓани добиваат мала хуманитарна помош од руските окупатори, но според нашите проценки таа е премалку, тоа е една десетина од потребната количина храна и вода“, вели Орлов.

Сепак, како што рече Подољак за Би-Би-Си, Киев не е подготвен да ги продолжи мировните преговори со Москва.

Извор: МИА

- Реклама -