Левица повика на протест за ослободување на Ламбе Алабаковски

„Денешната објава за експресно апсење на лицето кое го запали клубот што го носи името на фашистот Ванчо Михајлов, само потврди дека власта на СДСМ и ДУИ е во целосна служба на бугарскиот неоврховизам!“, реагираат од Левица за апсењето на македонскиот пејач Ламбе Алабаковски, кој во полиција признал дека го започнал пожарот на објектот на „културниот центар“ во Битола, што гордо го соопшти министерот за надворешни работи Оливер Спасовски.

Од партијата потсетуваат дека пред еден месец поднесоа кривична пријава против претседателот на здружението  поради „излагање на подбив на македонскиот народ“ и „предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“. За оваа кривична пријава, потенцираат, сè уште нема никаков одговор дали е поведена некаква постапка.

„Повеќе од месец дена во градот на Стив Наумов, пред очите на целата јавност и органите на прогонот, незаконски и скандалозно функционира клуб кој го носи името на џелатот на македонската кауза! Во услови кога институциите на системот затајуваат да ги заштитат националните и државните интереси, целосно оправдан е потегот на веќе приведениот Ламбе Алабаковски. Секоја друга пресуда освен ослободителна, ќе претставува анти-државнички чин и напад врз македонската државотворност, конституирана во АСНОМ!“, тврдат од Левица, од каде најавија дека ќе стапат во контакт со адвокатите кои ќе го застапуваат пејачот и ќе се понудат да ги покрие трошоците на одбраната.

Прочитајте и:  „Левица“ најави кривична пријава за Гаши поради Предлог-законот за бранители, спикерот ќе бара да заседава Комисијата за деловнички прашања

Откако министерот Спасовски соопшти и дека МВР бара притвор за Алабаковски, од Левица најавија и протест за ослободување на пејачот.

„Згрозени од неоврховизмот на актуелната власт и министерот Оливер Спасовски, кој веднаш побара притвор за палењето на фашистичкиот клуб, Локалниот огранок на Левица во Битола повикува на протест за ослободување на Ламбе Алабаковски!

Протестот е закажан за утре, (СРЕДА 08.06.2022 година) пред Полициската Станица во Битола, во 18:00 часот“, соопштија од Левица.

Како што се наведува во соопштението, тие бараат:

• отфрлање на кривичната пријава поднесена против Ламбе Алабаковски.

• итно процесуирање на нивната кривична пријава против претседателот на клубот „Ванчо Михајлов”

• МНР да испрати протестна нота до бугарскиот амбасадор во земјава поради континуираното негирање на македонскиот народ кое кулминираше со отворањето на клуб во чест на крвникот на македонската кауза, Ванчо Михајлов

„Ја повикуваме целокупната здраворазумна јавност, Битолчани и Битолчанки, кои се гордеат со антифашистичкото минато на градот на Стив Наумов, да покажат дека Битола е град на антифашизмот!“, се вели во повикот за протест.

- Реклама -