ДУИ за автокефалноста на МПЦ-ОА: Една по една се надминуваат сите пречки за сигурна и прогресивна иднина на државата, тоа треба да продолжи и во спорот со Бугарија

Фото: Кавер фотографија на официјалната Фејсбук страна на ДУИ

Демократската унија за интеграција на сите верници од православна вероисповед во земјава им го честиташе признавањето на автокефалноста на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.

Одлуката, велат од партијата, е од голема важност не само за нашата земја, туку и за стабилноста на целиот регион, бидејќи стави крај на „долгогодишниот спор што создаде многу контроверзии кои ги потресоа темелите на мирот“.

По Охридскиот и Преспанскиот договор, и овој решен спор е пример за мирен протагонизам на двете страни во време кога демонстрацијата на такво нешто е повеќе од потребно, оценуваат од ДУИ.

„Една по една, со конструктивен и зрел пристап, се надминуваат сите пречки и се отвораат патишта кои гарантираат сигурна и прогресивна иднина на државата“, констатираат тие.

Според нив, овој пат на помирување и негување на добрососедски односи со ист епилог, нашата земја треба да го продолжи во спорот со соседна Бугарија, за деблокирање на интегративните процеси во семејството на Европската Унија.

- Реклама -