Кина со порака до Бајден откако изјави дека САД воено ќе интервенираат во случај на инвазија врз Тајван

Кина денеска го повика американскиот претседател Џо Бајден „да не ја потценува нејзината цврста решеност да го заштити својот суверенитет“, обраќајќи му се директно затоа што тој претходно денеска од Токио вети дека ќе употреби сила во случај на кинеска инвазија на Тајван.

Бајден изјави дека САД воено ќе го бранат Тајван во случај на инвазија на Пекинг на овој автономен остров, предупредувајќи дека Кина „флертува со опасност“ со своите воени маневри.

„Тоа е обврска што ја презедовме“, рече Бајден на прашање на новинарите дали САД ќе интервенираат воено против обидите на Кина насилно да ја заземе територијата. „Се согласивме со политиката на ‘една Кина’, ја потпишавме… но идејата дека (Тајван) може да биде преземен со сила едноставно не е соодветна“, рече Бајден.

Инвазија врз Тајван, оцени тој, „ќе го наруши целиот регион“ и ќе биде „уште една акција слична на она што се случи во Украина“. Оттаму, посочи Бајден, по руската инвазија на Украина уште повеќе се зголемува потребата да се заштити овој остров.

„Веднаш бараме од САД да избегнуваат испраќање лоши сигнали до силите кои се залагаат за независност на Тајван“, возврати портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи – Ванг Венбин.

Тајпеј, пак, не го криеше воодушевувањето од изјавата на американскиот претседател и пораката дека САД ќе го бранат островот од Кина. Тајванското Министерство за надворешни работи му се заблагодари на Бајден што ја потврдил неговата посветеност кон земјата, додавајќи дека владата ќе продолжи да ја зајакнува одбраната и да ја продлабочува соработката со земји како САД и Јапонија за одржување на безбедноста.

Прочитајте и:  Бајден одобри противпешадиски мини за Украина со цел да се запре рускиот пробив

Согласно политиката „На една Кина“, САД го признаваат Пекинг како влада на Тајван и немаат дипломатски односи со Тајпеј. Меѓутоа, тие одржуваат неформални контакти, вклучувајќи ја и „де факто“ амбасадата во главниот град Тајпеј, а обезбедуваат и воена опрема за одбраната на Тајван.

Во Токио, пак, Бајден го најави почетокот на ново азиско-пацифичко економско партнерство со 13 земји учеснички, вклучувајќи ги САД и Јапонија, но без Кина, која не гледа позитивно на проектот. Таканаречената Индо-пацифичка економска рамка (ИПЕФ) не е договор за слободна трговија, туку предвидува поголема интеграција меѓу земјите-учеснички во четири клучни области: дигитална економија, синџири на снабдување, зелена енергија и борба против корупцијата.

На Вашингтон му недостига економски столб во неговиот индо-пацифички ангажман откако поранешниот претседател Доналд Трамп го напушти мултинационалниот трговски договор, оставајќи и на Кина слободен простор да го прошири своето влијание, коментираат светските агенции.

Извор: МИА

- Реклама -