Руски дипломат во Обединетите нации поднесе оставка поради инвазијата врз Украина

41-годишниот руски дипломат Борис Бондарев, член на постојната мисија на Русија во Обединетите нации во Женева, советник за контрола на вооружување, си поднесе оставка поради „неподносливата катастрофа“, како што ја нарече инвазијата во Украина.

Соопштувајќи за својата одлука на социјалната платформа LinkedIn, Бондарев рече дека „никогаш не бил толку засрамен од неговата земја“ и од „агресивната војна“ што ја водат силите на Путин. Тоа што неговата влада го прави, рече рускиот дипломат, не може да се толерира.

„Како државен службеник, морам да носам дел од одговорноста за тоа, а не сакам да го правам тоа“, вели Бондарев, опишувајќи дека денеска отишол на работа како и секој друг ден, ја поднел оставката и потоа си заминал, пренесува Sky News.

Прашан дали и некој друг од неговите колеги се чувствува така, Бондарев вели дека „не сите руски дипломати поттикнуваат војна“. Некои од нив се разумни, но мораат да ги држат устите затворени, тврди дипломатот.

Според него, тие што одлучиле да ја лансираат војната „сакаат само едно нешто – да останат на позиција на моќ засекогаш, да живеат во помпезни кичести палати, да едрат на јахти кои по тонажа и цена се споредливи со целата руска морнарица, да уживаат неограничена моќ и целосна неказнивост“.

Прочитајте и:  Претседателот на Финска: Доналд Трамп треба да биде сфатен сериозно за планот за завршување на војната во Украина

Бондарев, кој потенцира дека студирал и дипломат е веќе 20 години, смета дека руското Министерство за надворешни работи веќе не се занимава со дипломатија, туку „целосно се занимава со поттикнување војна, лаги и омраза“.

„Руското министерство стана мојот дом и семејство. Но јас едноставно повеќе не можам да учествувам во овој крвав, безумен и апсолутно непотребен срам“, вели тој.

Бондарев додава дека не планира да ја напушти Женева. Изрази и страв дека ако биде кривично гонет, тогаш другите како него, кои би сакале да постапат на ист/сличен начин, не би се осмелиле да го направат тоа.

Хилер Нојер – извршен директор на женевската невладина организација UN Watch (која ја мониторира работата на Обединетите нации), ја пофали постапката на Бондарев и го нарече „херој“. Засега нема коментар од руската мисија за оставката на нивниот вработен.

- Реклама -