Анѓушев демантира секаква поврзаност со фотоволтаичната централа „Осломеј“, бара партиите да престанат да го користат во нивните препукувања

„Најостро демантирам дека било која компанија во која што јас или моето семејство сме дел од сопственичката структура, има некаква поврзаност со фотоволтаичната централа ‘Осломеј’. Сите шпекулации кои го пласираат спротивното се неточни и крајно тенденциозни со единствена цел да го нарушат мојот, угледот на моето семејство и реномето на компаниите со кои раководам“, реагира Кочо Анѓушев по повод вчерашното соопштение од Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ со наслов „СДСМ го доведе ЕЛЕМ до банкрот, заради тоа се увезува 7-8 пати поскапа струја“, во кое, како што вели, во невистинит и негативен контекст се споменува неговото име.

Како што вели Анѓушев во реакцијата, „целото негово професионално и општествено делување е насочено кон домашниот економски развој“.

„Постојано инвестираме во воведување на најсовремени и еколошки технологии, а јас лично го вложувам сето мое знаење и капацитет во напорите за вкупна транформација на енергетскиот сектор во систем кој што ќе биде стабилен и одржлив. Компаниите со кои раководам вработуваат над 1.000 луѓе, го полнат државниот Буџет и се мотор на економскиот развој. Нашите производи се извезуваат во 42 земји ширум светот, учествуваме на пазари како САД, Велика Британија, Франција, Германија, Данска, Белгија, Португалија, Австралија и многу други. За овие успеси никогаш не сме барале, ниту ќе бараме привилегии или специјален третман од никого, но најмалку што очекуваме фер, коректен пристап и да не бидеме злоупотребувани во ничија медиумска и политичка агенда“, се вели во реакцијата.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: Со буџетот за 2025 година полициските службеници ќе добијат покачување на платите

Воедно, Анѓушев апелира до сите политички партии да престанат во нивните дневно-политички препукувања да го споменуваат неговото име и неговото семејство.

„Не сум партиски определен, ниту имам политички амбиции. Бев дел од политичка Влада како предлог на Стопанската Комора и за време на мојот мандат како Заменик претседател на Влада сѐ што правев беше исклучиво насочено кон подобрување на животниот стандард на граѓаните и развој на домашната економија. На ‘Стратегијата за развој на енергетиката во Република Северна Македонија до 2040’ сум особено горд и сметам дека е одличен документ кој треба да служи како патоказ и на оваа и на следните Влади“, додава Анѓушев.

- Реклама -