ЕУ проширувањето нема да биде засегнато од предлозите за формирање „европска геополитичка заедница“, смета Ковачевски

И покрај одредени најави кои доаѓаат од претставници на дел од земјите членки или од самата ЕУ за формирање „европска геополитичка заедница“, процесот на проширување на Унијата нема да биде засегнат, верува премиерот Димитар Ковачевски, според кого овие предлози се резултат на усогласувањето на ЕУ со новото геополитичко опкружување во Европа.

„Во моментов тоа се размислувања и концепти кои сѐ уште не се презентирани на Европскиот совет. Новата геополитичка ситуација во светот и во Европа особено со оглед на војната во Украина, секако дека налага ЕУ како најголема заедница на држави во Европа да го размислува својот понатамошен развој. Но, сепак, во ЕУ постои процесот на проширување во којшто процес ние сме дел и секако дека тој процес на проширување, којшто е направен според новата методологија на кластери на отворање на поглавја, не треба и јас верувам дека нема да биде засегнат од, нормално, усогласувањето на ЕУ со новото геополитичко опкружување во Европа и односите коишто ги има во моментов Европа со војната во Украина, но, секако и односите по завршувањето на војната“, рече Ковечевски во одговор на новинарско прашање по посетата на ПЗУ Никоб Медикал.

Прочитајте и:  Србија се усогласи со пет одлуки на ЕУ, но не и со мерките против лидерите на Придњестровје

Извор: МИА

- Реклама -