СОНК и МОН ги усогласија ставовите – платите во образованието од септември ќе се зголемат за 15 проценти

По неколкучасовни преговори, вечерва Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и Министерството за образование и наука (МОН) ги приближија ставовите и се договорија платите на вработените во образованието од септември да се зголемат за 15 проценти и да нема кратење на платите за периодот додека траеше штрајкот. Истите работи ќе важат и за вработените во градинките.

На средбата, што се одржа во Министерството за образование и наука, се допрецизирани и колективните договори и договорено е во иднина при креирањето на буџетот заеднички да се разговара со синдикатот.

Препораките од помирувачот ќе бидат претставени пред членството на Синдикатот, а претседателот на СОНК Јаким Неделков се надева дека ќе бидат прифатени по што најдоцна за 10 дена треба да биде потпишана спогодба меѓу СОНК и МОН.

„Се надевам дека членството ќе ги прифати препораките од помирувачот“, изјави Неделков по состанокот.

Министерот за образование и наука – Јетон Шаќири, изрази задоволство што е најдено заеднички прифатливо решение согласно буџетските можности во овие кризни времиња.

„Повисоки плати во образование ќе има. Освен порамнувањето што го имавме претходно со минималната плата, се договоривме за дополнително зголемување на платите за 15 проценти со исплата од септемвриската плата. Мислам дека ова е прифатливо за двете страни согласно буџетските можности во овие времиња кога функционирањето на државата и управувањето со буџетот е отежнато поради економската и здравствената криза“, рече Шаќири по средбата.

Со ова, на истекот на законскиот рок, двете страни со посредство на помирувач назначен од Министерството за труд и социјална политика, најдоа заедничко прифатливо решение за барањата на Синдикатот.

Штрајкот во градинките и училиштата почна на 11 април со барање за зголемување на платите од 18.4 проценти. На 28 април штрајкот беше ставен во мирување откако синдикатот доби известување од Министерството за труд и социјална политика дека МОН бара мирно решавање на работниот спор со потсредство на медијатор. По назначувањето на медијаторот, почна процесот на помирување меѓу СОНК и МОН кој на истекот на законски утврдениот рок од 20 дена заврши со усогласување на ставовите на двете страни.

МИА

- Реклама -