Унгарија ќе гласа за шестиот пакет санкции против Русија, вклучувајќи го и ембаргото за нафта, доколку ЕУ ја финансира нејзината енергетска безбедност, изјави унгарската претседателка Каталин Новак во Варшава.
„Унгарија е во многу тешка ситуација од енергетски аспект. Гласавме за сите претходни пет пакети санкции. Ќе му бидам многу благодарен на претседателот (на Полска) Дуда доколку нè поддржи за да ги добиеме потребните услови за да може Унгарија да гласа за шестиот пакет“, рече Новак.
„Во интерес на Унгарија е да застане на свои нозе во енергетскиот сектор. Ова е неопходно за суверенитетот и енергетската безбедност. За ова ни требаат финансии, средства. Затоа бараме од претседателот Дуда да нѐ поддржи за да ги добиеме сите средства за закрепнување кои ни ги додели ЕК“, додаде таа.
Вчера, пак, за локален медиум, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто порача дека Унгарците нема да ја плаќаат цената на војната во Украина. Тој истакна дека Унгарците на ниту еден начин не се виновни за избувнувањето на војната во Украина и затоа, доколку Европската комисија има намера да воведе ембарго на руската нафта, таа ќе мора да гарантира дека тоа нема да влијае на Унгарците или на унгарската енергетска безбедност.
Доколку во моментов се усвои ембаргото, нагласи Сијарто, Унгарија нема да може да ја добие суровата нафта што ѝ е потребна за да ја одржи економијата. Првиот проблем е што унгарските рафинерии за нафта ќе треба да бидат технички модифицирани, што ќе чини 500-550 милиони евра. Ако Унгарија мора да увезува сурова нафта од други извори освен од Русија, цените на горивата ќе пораснат за 55 до 60 проценти, истакна министерот, категорично додавајќи дека унгарската влада ќе го прифати предлогот на Европската Комисија само доколку таа „понуди решение за проблемот што го создаде“.
Сијарто додаде и дека ЕУ членките, во Париз пред неколку месеци, се согласиле дека секој чекор за намалување на зависноста од руската енергија ќе мора да ја земе предвид специфичната ситуација на секоја земја.
Извор: МИА