Руско МНР: Влезот на Шведска во НАТО ѝ нанесува штета на европската безбедност

Влезот на Шведска во НАТО ќе предизвика значителна штета на безбедноста на Северна Европа и на европскиот континент во целина, а Русија ќе биде принудена да преземе одмазднички чекори, порачуваат од руското МНР откако  денеска премиерката на Шведска официјално ја соопшти одлуката на владата земјата да побара членство во Алијансата.

Слично како и во реакцијата за Финска, од руското МНР велат дека Русија ќе биде принудена на „одмазднички чекори од воено-техничка и друга природа“ со цел да ги запре заканите за нејзината национална безбедност.

„Во овој поглед, многу ќе зависи од специфичните услови за интеграција на Шведска во Северноатлантската алијанса, вклучително и изгледите за распоредување на офанзивниот вооружен систем на овој воен блок на шведска територија“, се наведува во соопштението.

Руското министерство оцени и дека членството на Шведска во НАТО нема да ја зајакне нејзината безбедност, туку ќе доведе до губење на суверенитетот при носењето на надворешно-политичките одлуки.

Прочитајте и:  Залужни: Апсолутно, 2024-та e година кога Третата светска војна започна

Дека проширувањето на НАТО ќе ги зголеми тензиите во Европа, оцени денеска за новинарите и Станислав Зас – генерален секретар на Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ЦСТО), предводена од Москва. Говорејќи по самитот на ЦСТО во Москва, Зас рече дека алијансата се соочува со предизвици за понатамошна милитаризација на Источна Европа.

Москва ќе преземе мерки како одговор на проширувањето на воената инфраструктура на НАТО на територијата на Финска и Шведска, изјави претходно денеска рускиот претседател Владимир Путин.

„Проширувањето на воената инфраструктура на таа територија (Финска и Шведска) несомнено ќе предизвика наша контрареакција“, рече Путин на самитот на земјите-членки на ЦСТО, пренесе ТАСС. Како што истакна рускиот претседател, реакцијата ќе зависи од природата на заканата.

Во меѓувреме, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган се закани со вето на приклучувањето на двете нордиски земји да во НАТО.

Извор: МИА

- Реклама -