Маричиќ: Постои можност за фер решение со Бугарија, но тоа сега зависи од Софија

Интензивно се разговара со бугарската страна во рамки на декларацијата на Собранието и нашите црвени линии и интереси, а дали ќе се постигне договор тоа сега зависи од Бугарија, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

„Можно е фер решение. Сметаме дека најдобро е процесот да се заокружи со сеопфатен документ, кој што јасно ќе ги утврди обврските и на наша, но и на бугарска страна. Секако сме разговарале за тоа и досега, сѐ останато е на неодреден терен. Формата е помалку важна, важна е содржината кои чекори да се направат и тие да водат кон тргање на ветото, па да имаме попријателска агенда. Ние ги водиме разговорите на таа основа. После настанот во Битола има одреден застој, но комуникацијата не е прекината“, рече Маричиќ во гостувањето во Дневникот на ТВ „Сител“.

Тој повтори дека земјава е подготвена да ги почне преговорите со ЕУ, а дали тоа ќе се случи зависи од позицијата на Бугарија, но и од амбиентот што ќе се создаде во Унијата.

Во контекст на војната во Украина и сите кризи кои ни се случија нам и на Европа, вели вицепремиерот, вистински момент е тоа да се случи за време на француското претседателство.

Тој додаде дека не е дефинирано дали договорениот документ со Бугарија ќе биде дел од преговарачката рамка, но во секој случај таа рамка ќе содржи елементи од договореното со Бугарија.

„Ние сме должни да бидеме оптимисти за почетокот на преговорите, но тоа не значи дека по секоја цена ќе постигнеме договор“, рече Маричиќ.

Тој нагласи дека јазикот и идентитетот не се дел од преговорите. Маричиќ повтори и дека кога ќе биде поконкретно дефинирано решението со Бугарија, тоа ќе биде споделено со јавноста и опозицијата, бидејќи за дел од точките ќе треба да се усогласат ставовите на сите политички актери.

За идејата на францускиот претседател Емануел Макрон за „европска политичка заедница“, Маричиќ смета дека таа не се однесува на земјите од Западен Балкан, за кои во два наврати е потврдена европската перспектива – на самитите во Солун во 2003-та и на последниот во Брдо кај Крањ.

Извор: МИА

- Реклама -