Белград, 13 мај 2022 (МИА) – Соборот на Српската православна црква (СПЦ), што почнува на 15 мај, ќе расправа за одлуката на васеленскиот патријарх Вартоломеј, кој ја призна Македонската православна црква како „Охридска архиепископија“ и има индиции дека владиците ќе одобрат таа повеќе да не се третира како „расколничка”, односно да дојде до канонско единство, дознава „Блиц”, јави дописникот на МИА од Белград.
-Дали тоа „канонско единство“ подразбира автокефалност засега е неизвесно, но она што е сигурно е дека постои можност да се реши спорот, кој датира од 1967 година, кога „таканаречената Македонска православна црква се оддели од СПЦ“. На таа одлука, доколку Соборот на СПЦ се согласи и претходеа обновени разговори меѓу српскиот патријарх Порфириј и претставници на МПЦ, предводени од владиката Стефан, кои се одржаа на преговарачката маса во Ниш во најголема тајност, пишува Блиц.
Зворничко-тузланскиот владика Фотиј неодамна кој со оптимизам зборуваше за резултатите од разговорите во Ниш. Тоа го направи пред да биде објавена официјалната одлука на Вартоломеј, додека потоа ниту тој, ниту други великодостојници на СПЦ се имаат огласено.
-Можно е овој месец на мајскиот собор на СПЦ во Белград, МПЦ, односно Охридската архиепископија да се врати во канонско единство со СПЦ и со тоа да се реши расколот од 1967 година. Деновиве како дел од Синодот на СПЦ, го придружував Неговата Светост (Порфириј). Првиот ден имавме средба со претставници на Македонската православна црква во Нишката епархија. Тоа беше интересен дијалог на љубов, верба и надеж и се надеваме дека ако даде Бог ќе дојде до единство, но прво да се помолиме сите на Бога. Македонската православна црква, односно Охридската архиепископија, на овогодинешното заседание на Соборот во Белград во мај ќе се врати во канонско единство со Српската православна црква, а со тоа и во канонско единство со сите помесни православни цркви, изјави владиката Фотиј на 6 мај.
Тој не наведе што тоа конкретно значи, односно дали СПЦ ќе ја признае автокефалноста на МПЦ, но посочи дека Соборот на СПЦ е пред „голем предизвик“.
-Пред нас е голем предизвик и ако Господ дозволи молитвите на владиците Николај, Охридски и Жички, молитвите на светите Кирил и Методиј, Светите Климент и Наум и другите светители, свети Сава Српски, да го воспостават тоа единство, да се исцели тој раскол што постои од 1967 г., сега сме на прагот да го решиме тој проблем, ако даде Господ, затоа ве повикувам да се молиме на Бога, сите вие и сите ние, да го решиме за слава Божја и за доброто на нашите свети цркви. Но и за доброто на нашиот српски народ и за доброто на македонскиот народ, кои се два братски народи, изјави Фотиј.
Нишкиот договор, кој беше потпишан во Ниш на 17 мај 2002 година, пишува Блиц, предвидува канонско регулирање на православието во Македонија во 17 точки. Меѓу другото, тој го определува автономниот статус на епархиите во Македонија, кои би ја сочинувале Охридската архиепископија, како и висок степен на независност врз основа на „општата православна канонска структура“, но не и автокефалност. Освен тоа, во Скопје независно избраниот поглавар би бил потврден од Белград, а српскиот патријарх би го устоличил. Предвидено е автономната МПЦ, односно Охридската архиепископија сама да избира епископи, а поглаварот да ја носи титулата „архиепископ охридски и митрополит скопски“.
Според „Блиц“, не се знае дали се сменети некои клучни одредби од Нишкиот договор, како онаа за автокефалноста, бидејќи во тесен владички круг сè уште се подготвуваат документите за ова прашање. Со други зборови, на самиот Собор сите владици ќе имаат можност да видат што договорила делегацијата на СПЦ со претставниците на МПЦ. Македонските медиуми наведуваат дека одлуката на Вселенската патријаршија не значи дека непризнаената Македонска црква добила автокефалност, со која официјално се регулира меѓународното име и статус на црквата, туку претставува најава дека верниците и свештениците кои припаѓаат на таа црква не се во раскол и може да служат заедно со свештениците од другите помесни цркви.