Генералниот секретар на НАТО – Јенс Столтенберг, ја поздрави одлуката на финските лидери да го поддржат пристапувањето на Финска кон Алијансата. Според него, евентуалниот процес (официјалната изјава за пристапување се очекува во недела) за членство ќе биде „мазен и брз“.
„Ова е суверена одлука на Финска, која НАТО целосно ја почитува. Доколку Финска одлучи да аплицира за членство, ќе биде топло добредојдена во НАТО“, рече генералниот секретар на воениот блок.
Слична порака пристигна и од САД, каде Сенатот ги одобрува договорите и мора да даде согласност за зачленување нови членки во НАТО. По изјавата на финскиот претседател Саули Нинисто и премиерката Сана Марин дека Финска треба „без одлагање“ да побара членство, американските сенатори ветија дека брзо ќе реагираат за да ја внесат земјата во блокот.
Имено, сенаторот Боб Менендез – кој го предводи Комитетот за надворешни односи на Сенатот, на сослушување рече дека панелот „веќе работи на овозможување брзо разгледување“ и за Финска и за Шведска, доколку аплицираат.
Највисокиот републиканец на Комитетот – Џим Риш, ја оквалификува најавата на Финска како „огромен чекор напред во иднината на трансатлантската безбедност“…
„Ја продолжувам мојата посветеност да ја поддржам Финска преку овој процес“, напиша Риш на Твитер.
Процесот на зачленување на Финска и/или Шведска во НАТО се очекува да биде лесен и брз, покрај другото, и поради високиот степен на усогласеност и интероперабилност на овие две земји со Алијансата.
Извор: МИА