Мицкоски: Ако сега има предвремени парламентарни избори, ви гарантирам дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе освојат 61 пратеник

„Ако сега има предвремени парламентарни избори, денеска да почне процедурата, држете ме за збор, ви гарантирам дека ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата ќе има точно 61 пратеник“, истакна вечерва лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски.

Коментирајќи го влијанието на ДУИ во однос на одлуката за одржување на предвремени парламентарни избори, Мицкоски истакна дека таа единствено зависи од неговиот договор со премиерот Димитар Ковачевски.

„Ние ќе ја кроиме идината на нашата Македонија врз основа на потребите на граѓаните. Затоа бараме предвремени парламентарни избори, затоа што ние нема да дозволиме иднината да се крои во Мала Речица. Сигурен сум дека ќе освоиме 61 пратеник на изборите“, рече Мицкоски во „Топ Тема“ на ТВ „Телма“.

Според него, СДСМ бегаат од избори бидејќи одредени луѓе во партијата „се свесни дека никогаш повторно нема да го уживаат раскошот платен од парите на граѓаните“, рече лидерот на најголемата опозициска партија. ДУИ, пак, смета тој, бега од избори зашто никогаш повторно нема да бидат поголем фактор од тоа што се денес во Владата на СДСМ.

„И тоа е причината зошто ниту ДУИ, ниту СДСМ, не сакаат избори. СДСМ го разбирам, има луѓе кои што никогаш повеќе ќе ги немаат тие привилегии и сега тие викаат ‘па не сум будала да одам на парламентарни избори кога јас повторно ќе можам да уживам во овој раскош што мене граѓаните ми го плаќаат’. А од друга страна ДУИ си вели ‘па никогаш ние нема да бидеме поголем фактор од ова што сме денеска’ “, оцени Мицкоски.

Тој повика да се изгласа една изборна единица, посочувајќи дека ако тоа се случи, за еден ден министерот за правда Никола Тупанчевски ќе добие работни групи за Изборниот законик.

„Ајде утре, еве привремено ќе ја тргнеме блокадата да изгласаме сите заедно во Парламентот една изборна единица, да не бидат шест, другиот ден веќе ќе ги добие Тупанчевски тимовите кои ќе работат на измените на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ“, понуди Мицкоски.

Тој додаде дека веќе претходно се обиделе и со мнозински систем, но не наишле на поддршка од останатите политички партии. Прашан дали тоа беше некаков флерт со помалите политички партии, Мицкоски рече дека во политиката може да се флертува со разни целни групи, но во случајот се работи за принципиелен став кој трае неколку месеци. Тогаш се обиделе и не наишле на поддршка, но сега треба да се направи една изборна единица, рече Мицкоски. На забелешката дека тоа не им одговара на ДУИ, Мицкоски порача дека тие прашања треба да одат на адреса на таа партија, бидејќи тие не се коалициски партнери.

Прочитајте и:  ДУИ обвинува за „институционално чистење“ на Албанци и поткопување на стабилноста и кохезијата на државата

„Видете сега една чудна ситуација: СДСМ е коалициски партнер и со ДОМ на Морачанин, и со ЛДП на Милевски, и со Народна на Георгиевски, и со ДС на Павле Трајанов – кои се обединети во барањето за една изборна единица. Но, истовремено е партнер и со ДУИ, која вели ‘никако една изборна единица’. Сега, не сме ние тие кои треба кај нив да ги решаваат недоразбирањата. Но еве, јас ја фрлам ракавицата… бидејќи Тупанчевски бара тимови преку медиуми, бидејќи официјално никој од нас ништо не побарал… еве јас велам утре во Парламентот да изгласаме една изборна единица и потоа, веќе задутре, да ги номираме тимовите“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на блокадата, тој најави дека опозицијата, покрај овој, ќе преземе и други чекори:

„Ќе има и други чекори, нема да бидат само блокадите. Ќе треба органите на партијата да се произнесат за тие други чекори“, рече Мицкоски.

Активната блокада, потенцираше тој, не значи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги блокира законите кои значат подобрување на животниот стандард на граѓаните, туку напротив:

„Тоа подразбира не и блокада на законите кои се во интерес на граѓаните или закони кои индиректно ќе влијаат врз квалитетот на животот. Сѐ останото, како што беше оној шверцески обид да се протне Законот за игри на среќа, на сето она што се однесува за граѓаните, повисоки плати, повисоки пензии, повисок стандард на живот, ние немаме намера да блокираме, непротив ќе го поддржиме“, рече Мицкоски.

Извор: МИА

- Реклама -