Херсон, 6 мај 2022 (МИА) – Русија засекогаш ќе остане во јужна Украина, изјави денеска рускиот парламентарец Андреј Турчак за време на посетата на градот Херсон, што е под контрола на Москва.
„Русија е тука засекогаш. Не треба да се сомневаме во тоа. Нема да има враќање во минатото“, рече високиот функционер на владејачката партија „Единствена Русија“.
„Ќе живееме заедно, ќе го развиваме овој богат регион, богат со историско наследство, богат со луѓето што живеат овде“, додаде рускиот парламентарец.
Турчак најави и отворање на центар за хуманитарна помош во Херсон, од каде ќе се доставува храна, лекови и основни потреби.
Француските медиуми коментираат дека е ова првпат од почетокот на руската инвазија врз Украина, на 24 февруари, висок руски функционер да ги каже намерите на Москва за продолжување на нивното присуство на украинска територија.
Херсон беше првиот голем град што падна под ударите на руските сили од почетокот на нивната воена операција.