Орбан: Новите санкции на ЕУ против Русија, во сегашната форма, ќе бидат „атомска бомба“ фрлена врз унгарската економија

Будимпешта, 6 мај 2022 (МИА) – Унгарија не може, во формата во која се најавени, да го поддржи новиот пакет санкции на Европската Унија кој вклучува ембарго за увоз на нафта, изјави денеска премиерот Виктор Орбан.

Тој рече дека сегашниот предлог на Европската Комисија за забрана на увозот на руска нафта ќе биде „атомска бомба“ фрлена врз унгарската економија, додавајќи дека Унгарија е подготвена да преговара доколку види нов предлог што ќе ги исполни унгарските интереси.

Извршното тело на Европската Унија во средата предложи најстроги санкции против Москва поради војната во Украина, но неколку земји се загрижени за влијанието што ќе го предизвика запирањето на увозот на руска нафта и оти тоа ќе го попречи договорот.

Неколку источни членки на ЕУ се загрижени дека нема да имаат доволно време да се приспособат, иако дипломатите велат дека Унгарија и Словачка ќе имаат време до крајот на 2023 година.

Орбан изјави за државното радио дека на Унгарија ќе ѝ требаат пет години и големи инвестиции во рафинерии и цевководи за да може да го трансформира сегашниот систем, во рамки на кој околу 65 отсто се потпираат на руската нафта.

Прочитајте и:  Орбан: Следуваат двата најопасни месеци од војната, Западот треба најсериозно да ги сфати зборовите на Путин

„Ние точно знаеме што ни треба, прво ни требаат пет години за да го завршиме целиот процес… година до година и пол не е доволно за ништо“, рече Орбан, додавајќи дека и на Унгарија ќе ѝ требаат големи инвестиции во рафинерии и системи за испораки за да се овозможи увоз на нафта која не е од Русија.

Орбан праша дали е паметно да се инвестира до тој степен за резултат за 4-5 години, додека војната во Украина се случува сега. Тој рече дека Унгарија чека нов предлог од Европската Комисија.

„Не сакам да се спротивставам на ЕУ, туку да соработувам… но тоа е можно само ако ги земат предвид нашите интереси“, рече унгарскиот премиер.

Орбан, исто така, рече дека Унгарија нема да поддржи ставање на поглаварот на Руската православна црква, патријархот Кирил, сојузник на Кремљ, на црната листа, бидејќи тоа е „прашање на верска слобода“.

Тој го повтори ставот на Унгарија дека нема да испраќа оружје во соседна Украина.

- Реклама -