Ковачевски: Се подготвуваме за најтешката зима по Втората светска војна, одлуката на ВМРО-ДПМНЕ за блокада на Собранието е „грозоморна“

„Ова што го прави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ е најнеодговорното нешто што може некој да го направи во услови на постојан раст на цените на реагенсите, во услови на постојан раст на цените на храната и во услови на обединување на сите политички субјекти во Европа околу изнаоѓање на начини за задржување на животниот стандард на граѓаните“, оцени премиерот Димитар Ковачевски вечерва во „Клик плус“ на ТВ 21.

Ултимативното барање на Мицкоски за предвремени избори, констатираше тој, е нешто најнеодговорно што може некој да го направи во период на најголемата светска економска криза по Втората светска војна.

Како што истакна Ковачевски, пратениците не се избрани од партијата туку од граѓаните, и оттаму бојкотот на ВМРО-ДПМНЕ нема да ѝ нанесе штета на Владата, туку токму на граѓаните.

„Не е лидер тој што мисли на личниот рејтинг и кога ќе бидат идните избори. Ова што го прави Мицкоски во услови на најголемата светска криза после Втората светска војна е најнеодговорното нешто, во услови на поскапување на цените на производите, во услови кога гледаме во Европа дека сите се обединуваат за начини за помагање“, рече премиерот, кој одлуката за блокада ја карактеризираше и како „грозоморна“.

„Најпрвин кога зборуваме за лидерски концепти, лидери се луѓе кои што носат одлуки и кои што решаваат прашања кои што ги афектираат идните генерации и благосостојбата на граѓаните, како и справувањето со најголемите проблеми со кои тие се соочуваат. Не е лидер тој кој што мисли само на својот личен рејтинг и кој што мисли само на тоа кога ќе бидат наредните избори“, рече Ковачевски.

Прочитајте и:  Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон

Според него, Мицкоски се однесува така како што се однесува затоа што некому нешто должи или некому нешто ветил.

„Доколку ги погледнете законите во Собранието, тоа што сега јавно го кажува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ е веројатно заради тоа што некому нешто должи, затоа што ветувал некаде нешто и сега мора да прави блокади. Ако го погледнете Собранието, тоа не е ништо различно од тоа што се случуваше и досега“, оцени претседателот на Владата.

Тој потсети дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ во последниве две години блокирале десетици важни закони.

„Во изминатите две години во Собранието се блокирани не два, не пет, не десет, не дваесет – туку се блокирани неколку десетици закони кои што се клучни за различни области од живеењето на граѓаните“, подвлече.

Во однос на предвремените избори, Ковачевски нагласи дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека актуелната Влада ја поддржуваат поголем број пратеници од претходната. Ова парламентарно мнозинство, акцентираше, се подготвува да се справи со „најтешката зима по Втората Светска војна“.

„Сега можам да кажам дека наредната зима ќе биде најтешката зима после Втората Светска војна. Затоа велам дека ова однесување на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ е исклучително неодговорно“, заклучи Ковачевски.

Извор: МИА

- Реклама -