Амстердам, 5 мај 2022 (МИА) – Европската агенција за лекови денеска соопшти дека се надева дека вакцината, адаптирана за одредени варијанти на коронавирус, како што е омикронот, ќе биде одобрена до септември.
„Наш приоритет е да се осигураме дека приспособените вакцини потенцијално ќе бидат одобрени најдоцна до септември за да бидат подготвени за новите есенски кампањи за имунизација во ЕУ“, рече Марко Кавалери, раководител на Одделот за биолошки здравствени закани и стратегии за вакцини во ЕМА .
„Тоа ќе им овозможи на производителите соодветно да ги приспособат своите производствени линии“, додаде тој.
Вакцините базирани на мРНА, произведени од Фајзер и БиоНТек и Модерна, се најдалеку отидени, а клиничките испитувања се во тек.
„Сè уште не се знае дали вакцините ќе имаат за цел една или две варијанти во една доза“, додаде Кавалери.
Според него, околу половина од граѓаните на ЕУ се целосно вакцинирани и добиле дополнителна доза, додека 15 отсто од оние над 18 години воопшто не се вакцинирани.