Мицкоски: Ќе предложам активна блокада на Собранието

„Суштината е како да излеземе од сегашната состојба и да ни биде на сите подобро и ценам дека како политичари треба да се фокусираме на тоа“, порача вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски.

„Затоа, не разбирам што се смени во овие 100 дена откако прво премиерот Димитар Ковачевски се фалеше дека закажал некаква средба со мене, а сега бега од неа заради моето барање за лидерска средба и за одредување датум за предвремени парламентарни избори“, рече Мицкоски во интервју за ТВ Сител.

„Владата не е решението за оваа национална катастрофа, таа е проблемот. Очекував барем малку да има одговорност во СДСМ и во услови на криза како политичари да генерираме единство. Ние утре ќе имаме седница на Извршен комитет и ќе предложам како прв чекор после 10 мај да има некаква активна блокада на македонското Собрание. Тоа ќе биде активна блокада на сѐ, со исклучок на оние закони кои значат повисоки плати или некаква помош за граѓаните“, најави Мицкоски.

Тој појасни дека ќе предложи блокада преку филибастеринг, односно преку амандмани или преку активно говорење на комисиските и на парламентарните седници.

„Најсреќни би биле инсталациите на СДСМ и Спасовски, кои провоцираат дебата дека сите се исти, да го напуштиме Парламентот и да го блокираме. Тогаш би поминало буквално сѐ и никој не би почувствувал дека нешто не е во ред во Македонија, а дефинитивно не е во ред ниту на полето на економијата, ниту во здравството, нити во образованието“, истакна Мицкоски, кој тврди дека напротив – не се сите исти.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата мора да бидат „внимателни, мудри и трпеливи, и секој чекор што го прават да биде многу сериозно осмислен и да бидат антиципирани ризиците со недели однапред“.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: Изградбата на когенеративната централа значително ќе го намали загадувањето на воздухот и ќе обезбеди здрава животна средина

„Се плашам дека доколку и овој пат избрзаме, Македонија ќе ја има сѐ помалку, а тоа повторно ќе биде на грбот на македонскиот народ. Затоа многу внимателно го предвидувам и анализирам секој чекор пред да излезам пред колегите од Извршниот комитет на партијата и да отвориме дебата за секоја наредна политика“, рече Мицкоски.

Тој побара трпение од оние кои, како што рече, „не можат да го поднесат тоа што се случува“:

„Знам дека многумина се нетрпеливи и не можат да го поднесат тоа што се случува денеска и затоа молам за трпение. Ќе си дојде сѐ, а потоа сите заедно ќе го вратиме сето она што е изгубено во овие пет години како резултат на политиките на Владата предводена од СДСМ. Не сакам инсталациите на СДСМ и Спасовски да го контаминираат чистиот пркос на народот со нивните себични намери да ги сочуваат нивните фотелји и привилегии“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски ги повика и останатите политички партии кои не се задоволни од тоа што се случува во земјава и имаат неисполнети ветувања и неостварени очекувања, вклучително и помалите партии кои се во Владата, да застанат зад „општествениот пркос против Владата“ и да ја напуштат, бидејќи, како што рече, очигледно е дека нема намера да бидат исполнети нивните основни барања поради кои се во власта.

„Побарав општествена поддршка која подразбира и партиска, но и непартиска поддршка, зашто од нашите активности на терен ја слушаме потребата на граѓаните за промени. Дефинитивно, граѓаните од нас очекуваат да промениме на подобро“, рече Мицкоски, констатирајќи дека на државава ѝ се потребни предвремени парламентарни избори за да се променат работите на подобро.

Извор: МИА

- Реклама -