Членови на СОНК бараат Неделков да објасни зошто штрајкот е ставен во мирување

Незадоволни членови од Синдикатот за образование наука и култура (СОНК) попладнево пред седиштето на синдикатот бараат претседателот на СОНК – Јаким Неделков, да се обрати и да објасни зошто штрајкот е ставен во мирување.

„Денеска се ретерира без знаење на членството и се носи одлука за која членството не е информирано. Тука сме да изразиме револт. Ние сме базата, ние сме членството и должен е Неделков да дојде и да објасни зошто ја промени одлуката“, велат насобраните членови на СОНК, кои бараат оставка од Неделков.

Посочуваат дека се дојдени спонтано и дека се чувствуваат изиграни од претседателот на синдикатот. Велат дека не им се важни процентите за зголемување на платите, туку колективните договори.

„Голем дел од членството ќе продолжи да ги бара своите права. Нас не ни се битни тие 18 отсто. Прва работа поради која тргнавме во штрајк е колективниот договор“, велат тие.

Прашани дали ќе има утре настава, велат дека оние деца што ќе дојдат во училиште, нема да бидат вратени.

„Сите оние кои утре ќе дојдат во училиште, ќе бидат прифатени. Ние ќе бидеме во училиште, ако дојдат деца, ќе ги примиме. Ако треба ќе држиме и настава“, порачаа дел од наставниците кои попладнево се собрани пред седиштето на СОНК.

Синдикатот на СОНК денеска го стави штрајкот во мирување по добиеното известување од Министерството за труд и социјална политика дека Министерството за образование и наука е подготвено преку мирно решавање на спорот да ги надмине разлките со СОНК.

- Реклама -