Вашингтон, 28 април 2022 (МИА) – Американскиот претседател Џо Бајден денеска ќе предложи огромен пакет од 33 милијарди долари за вооружување и поддршка на Украина во нејзината војна против Русија, како и користење на луксузни средства одземени од руските олигарси за да се компензира на погодената држава.
Најголемиот дел од предложениот пакет од 33 милијарди долари ќе биде „20 милијарди долари воена и друга безбедносна помош. Тоа значи дека оружје и муниција треба да дојдат до украинскиот народ“, изјави висок американски функционер.
Дополнителна економска помош од 8.5 милијарди долари „ќе ѝ помогне на владата на Украина да одговори на непосредната криза“, додека околу 3 милијарди долари се предложени за финансирање хуманитарна помош и справување со глобалниот шок за цените на снабдувањето со храна.
Предложениот пакет вклучува и финансирање за справување со економските нарушувања во САД и на други места, кои се движат од влијанието врз снабдувањето со храна до достапноста на критичните компоненти што се користат во производството на висока технологија.
Конгресот треба да го одобри барањето и додека и републиканците и Демократската партија на Бајден сигнализираа дека сакаат да продолжат да ја поддржуваат Украина, неповрзаниот спор околу барањето на Бајден за милијарди долари ново финансирање за пандемијата со Ковид-19 се заканува да го комплицира процесот на одобрување, јавија американски медиуми.