Молдавија „длабоко загрижена“ поради коментар на руски командант, Зеленски уверува дека Украина е само почеток

Министерството за надворешни работи на Молдавија го повика рускиот амбасадор за да му изрази „длабока загриженост“ поради изјавите на висок руски воен командант, според кого населението во земјата што зборува руски јазик е угнетувано.

„Овие изјави се неосновани и се во спротивност со ставот на Руската Федерација за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Молдавија, во нејзините меѓународно признаени граници. Молдавија е неутрална држава и овој принцип мора да го почитуваат сите меѓународни актери“, објави молдавското МНР на својата веб-страна.

Руските државни новински агенции вчера го цитираа Рустам Минекаев – заменик командант на рускиот централен воен округ, кој рекол дека Русија планира да ги стави Донбас и јужна Украина под целосна контрола за време на втората фаза од, како што ја нарекува, „специјалната воена операција“. Со тоа, вели Минекаев, Русија ќе го подобри пристапот до прорускиот регион Придњестровје, кој граничи со Украина.

Прочитајте и:  Блумберг: Европа ќе мора да ги удвои трошоците за одбрана поради војната во Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно предупреди дека руската инвазија на неговата земја е само почеток и дека Москва има планови да заземе и други земји. Според него, коментарите на руската армија за потребата од создавање врска со Молдавија на украинскиот фронт, укажуваат на тоа дека Москва сака да изврши инвазија и на други земји.

„Сите народи кои како нас веруваат во победата на животот над смртта, мора да се борат со нас. Тие мора да ни помогнат, бидејќи ние сме први во редот, но прашање е кој ќе биде следен“, порача Зеленски во видео обраќање.

Извор: МИА

- Реклама -