Груевски: Македонија живее време на политички мотивирани судења, полошо и од периодот на 1949 година

Македонија живее време на политички мотивирани судења против политички неистомисленици на власта, полошо и од периодот на 1949 година, а како и тогаш – во име на народот, пишува од Будимпешта поранешниот премиер Никола Груевски, откако денеска беше осуден на 7 години затвор за случајот „Плацови на Водно“.

Според него, се работи за модерна инквизиција, каде жртвата е осудена уште пред да почне судењето, а казната и висината на истата се однапред и неформално договорени помеѓу спрегата власт-опозиција-судство. Само политиката има сила да го смени тоа, бидејќи таа го создава, вели Груевски.

„Време во кое судиите за да не си направат личен проблем за себе, во ваквите процеси не судат по закон и со реални докази, туку прифаќаат изјави на уценети сведоци од обвинителството и власта кои се темелат на претпоставки, па така и ги именуваат (самите тие сведоци не кријат дека кажуваат претпоставки) и како тежок преседан се прифаќаат како неспорни докази лажни искази на обвинети на кои во истиот и/или во други предмети кои ги води истиот обвинител им се заканува сериозна казна, па за да се спасат од прогонот подготвени се на сѐ. Тие лица исказите и одбраната ја менуваат од час во час, особено откако ќе ги стават во притвор, кој во Македонија е инструмент за тортура и изнуда на лажни изјави и лажни признанија.

ПРЕТПОСТАВКИТЕ именувани како претпоставки од самите уценети сведоци, судиите подоцна ги именуваат со зборот ‘ФАКТИ’. ЧУВСТВАТА на некој уценет сведок за една или друга работа, за кој самиот сведок вели дека му биле чувство и ништо повеќе, судиите ги именуваат со зборот ‘ДОКАЗ’, независно што самиот сведок ги именува како чувства“, пишува поранешниот премиер а сега азилант во Унгарија.

Пресудите и висината на казните се одредени уште пред да почне судењето, а сѐ другото е „театар“ за јавноста, односно време на пропаганда кога и јавноста треба да се убеди, смета Груевски. Тоа завршува со долг политички говор и некаква психолошка анализа на судијата, бидејќи за правна нема реални аргументи, додава тој.

„Аудио снимки се прифаќаат како доказ кога им одговара на обвинителството и судот, односно на власта за да осудат некој што им е таргет, но ако истите треба да докажат дека таргетираното лице нема вина, тогаш истите не се дозволува да се изведат како докази.

Обвинителството и судот можно е да те прогласат дека си земал голема количина пари од некаде, без било каков доказ, материјален доказ или изјава на сведок, односно без апсолутно ништо што наведува или уште помалку го докажува тоа, и без никаков срам да ја почнат реченицата со зборовите односно фразата: ‘се докажа дека…’. Па се продолжува со куп испревртени тези креирани да си го покријат сопствениот срам пред јавноста.

Ако си политички ставен на острел може да те обвинат и што не си пријавил имот кој не е и никогаш не бил твој и истиот уште и да го запленат заради политичко-пропагандни цели, а вистинските негови сопственици да си молчат и уште да се среќни што ‘извлекле жива глава’, во смисла што незаслужено во една политичка хајка не добиле долгогодишна затворска казна иако често и тие немаат некоја објективна вина за такво нешто да им се случи. Во една таква атмосфера сѐ е можно“, оценува натаму Груевски, правејќи паралела, секако, со случаите во кои нему му се суди, конкретно во „Плацеви на Водно“.

Во Македонија во ова време во политички мотивираните процеси не суди судот, туку политиката. Потоа подготвени чекаат сервилните и контролирани медиуми, т.н. аналитичари и т.н. експерти да ја дораспарчат жртвата која нема никаква реална вина и да одслугуваат на политиката. Власта преку правосудниот систем прави што сака – кому сака нешто запленува и во колкава сака вредност независно од сѐ, кому сака не запленува – зависно од близината со неа. Нема критична маса меѓу стручната елита која е спремна да постави логични прашања колку и да гледа беззаконие и апсурдни процеси, тврди екс-премиерот.

„Но, ништо не е вечно…
“IL BUON TEMPO VERRA”:
Percy Bysshe Shelley
(Ќе дојде добро време)“, завршува Груевски во својот Фејсбук статус.

- Реклама -